Правда

Левица го одржа својот прв Пленум

   Време за читање 1 минута

Ја известуваме јавноста дека Левица го одржа својот прв Пленум. Делегатите на Пленумот ги усвоија веќе постоечките Статут, кратка агитациска програма и политичката платформа со измени и дополнувања. Овие официјални партиски документи во најкраток можен рок ќе бидат поставени на официјалната веб-страна на Левица.

На оваа седница од страна на Централниот Комитет беше реизбран досегашниот состав на Президиумот. Една од најважните промени во Статутот на партијата е во делот на организациската структура, каде што е предвиден нов основен раководен орган – Претседател на партијата – како лице кое ја претставува и застапува партијата, избран од редовите на Президиумот. За прв претседател на партијата избран е Димитар Апасиев, правниот застапник на Левица.

„Одиме кон градење на хиерархиска централизирана партија со начело на демократски централизам, што е исто така новина за разлика од претходното фракционерско делување. Сметаме дека, поучени од искуствата кои ни се случуваа во сите овие години наназад, особено со т.н. пучеви и измислени внатрепартиски кризи, дека на овој начин ќе ја консолидираме партијата и дека на наредни избори Левица ќе стане парламентарна партија со сопствени сили, некоалицирајќи со никој од големите партии“, изјави за јавноста претседателот на партијата, Апасиев.

На овој Пленум, освен членовите на Президиумот имаше обраќања и на дел од Делегатите, како и на претставници на поканети левичарски партии од Баскија, Каталонија, Турција, Србија и Австрија. Тие во своите говори ја изразија поддршката за новоизбраното раководство и политичката насока и програма кон која се стреми Левица.