ПравдаСветот на работникот

Левица: Дали директорот на ЈСП врши притисоци врз вработените?

   Време за читање 2 минути

Деновиве до Левица пристигна анонимна пријава од вработени во ЈСП Скопје кои се под притисоци и закани од директорот Кристијан Чушков, пишуваат од Левица во соопштението за јавноста.

„Како што велат тие, Директорот на ЈСП со закани за отказ и притисоци врз раководителите ги бара сите вработени да го прекинат својот одмор и веднаш да се вратат на работа во време на ваква ситуација.  Дел од вработените, исплашени од ситуацијата со вирусот, со одобрение на раководителите на сектори и одделенија, решиле да користат законски годишен одмор и да седат дома“, велат од Левица.

Од Левица истакнаа дека воедно, тие лица што немале стар одмор за 2019 година и веќе го искористиле претходно, поради што го користат новиот законски одмор за 2020 година, ќе добиеле отказ по налог на директорот Чушков.  Потенцираат дека дополнително, работниците кои го искористиле одморот од 2019 година веќе се вратени на работа, со објаснение дека не смее да го користат законскиот одмор кој им следи додека не се укине јавниот превоз или додека не се надмине вонредната ситуација.

„Јавните претпријатија мора да се организираат ефикасно во услови на вонредна состојба, при што во ниту еден случај не смее да биде загрозено здравјето на работникот, или истиот да подлежи под притисоци“, посочија од Левица.

Истовремено тие ја информираат јавноста дека и овој случај е пријавен до надлежните институции и очекуваат истите да реагираат веднаш и непристрасно да ја констатираат фактичката состојба.  Потенцираат дека доколку се утврдат неправилности во работењето на директорот Чушков, мора истиот да понесе одговорност. Воедно ги повикуваат и охрабруваат работниците да ги пријават сите кршења на работничките права, закани и притисоци со што соодветно би можеле да реагираат.