ЕкономијаСвет

Мета ќе инвестира над 9,1 милијарда долари во првиот AI дата-центар во Канада

Компанијата Мета, сопственик на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм, ќе инвестира повеќе од 9,1 милијарда американски долари за изградба на својот прв дата-центар за вештачка интелигенција во Канада. Воедно, тоа ќе биде и најголемиот AI дата-центар на компанијата надвор од Соединетите Американски Држави.

Според агенцијата AP, објектот ќе биде изграден во округот Стерџен, во канадската покраина Алберта, а ќе се напојува со електрична енергија од електрана на природен гас што ја развива конзорциум во кој учествува и компанијата Pembina Pipeline Ltd. со седиште во Калгари.

Министерот за технологија и иновации на Алберта, Нејт Глубиш, го оцени проектот како значајна инвестиција за покраината, истакнувајќи дека Алберта воспоставила регулаторна рамка која привлекува инвестиции во дата-центри.

Интересот за вакви објекти расте поради сè поголемата побарувачка за инфраструктура потребна за развој на вештачката интелигенција. Сепак, експертите предупредуваат дека AI дата-центрите трошат огромни количини електрична енергија и вода, што создава дополнителен притисок врз електроенергетските мрежи и локалните заедници.

Бидејќи електроенергетската мрежа во Алберта во моментов не може да поддржи поголем број вакви големи објекти, покраината им дава предност на проектите кои обезбедуваат сопствено производство на електрична енергија – модел што ќе го примени и Мета.

Од компанијата соопштија дека дата-центарот ќе користи затворен систем за ладење, кој нема да користи вода од локалните водни ресурси.

Покрај тоа, Мета планира да инвестира дополнителни 42 милиони американски долари во локалната инфраструктура, вклучувајќи изградба и унапредување на патишта и водоводни системи.

Минатата недела компаниите Pembina Pipeline, Morgan Stanley Infrastructure Partners и Kineticor Asset Management објавија дека продолжуваат со развојот на електраната на природен гас во округот Стерџен. Според нивните најави, Мета ќе биде главниот купувач на електричната енергија од постројката, која ќе има капацитет од 932 мегавати и се очекува да започне со работа во втората половина на 2030 година.

Извор: b92.net