Правда

Левица: Македонија не е депонија на богатите држави – потребна е целосна забрана за увоз на отпад

Левица: Македонија не е депонија - Работник
175views

Додека Македонија се соочува со алармантна стапка на малигни заболувања и додека соседна Бугарија ја тресат скандали за увоз на опасен отпад, координаторите на партиите во Парламентот вчера го одложија усвојувањето на забраната за увоз на отпад. Ваквото однесување е најблаго речено скандалозно, ако се земат во предвид бројките кои укажуваат дека само од 2014 до 2018 година биле увезени 210 000 тони ОПАСЕН отпад, пишува Левица во реакцијата до јавноста.

Кога светот се соочува со глобална еколошка криза и се поактуелно станува враќањето отпад на богатите западни земји кои се обидуваат да го депонираат во помалку развиените држави, бараме одговор од Јован Митрески, Никола Мицевски, Ејуп Алими, Емилија Александровна и Талат Џафери – која бирократска пречка е повредна од животот на граѓаните? Впрочем, за режимот на власт немаше никакви уставни и законски пречки кога амнестираа криминалци, менуваа име со поткупени пратеници и склучуваа договори спротивно на волјата на народот!

Дополнително, скандалозни се податоците кои укажуваат дека над седум милиони тони отпад се увезени само од Бугарија во минатиот период, откако се обелодени дека во синџирот на увоз на отпад е замешан и доскорешниот директор на мултипрофитерскиот бизнис Дрисла, Горан Ангелов. Враќањето на Дрисла под град Скопје е недоволен и задоцнат чекор и истиот претставува обид за замајување на јавноста – при што обвинителката Вилма Рускоска се крие од јавноста и никаде ја нема да покрене постапка против Горан Ангелов и останатите инволвирани соучесници во увозот на отпад!

Додека индустријата со увоз на отпад заработува милионски профити годишно, 3500 лица годишно во Македонија умираат од загаден воздух – тогаш чии интереси бранат партиите кои ја одложија забраната за увоз на опасен отпад? Дополнително, Левица се залага за целосна забрана за увоз на отпад, затоа што нашата држава не претставува депонија за отпадот на богатите држави! Крајно време е животот и интересите на граѓаните да бидат на прво место – а не профитот на моќниците и интересите на странските фактори.