МакедонијаПравдаСветот на работникот

Левица: Од образованието не остана ништо освен проблеми

Левица - Работник
88views

Состојбите кои со години беа игнорирани и криени под килимче и тешките импровизации во организацијата на најважниот сектор од општ интерес сега излегуваат на површина во форма на акутни проблеми кои бараат брзи и функционални решенија. За жал и на штета на граѓаните на Македонија, власта нема ниту желба ниту капацитет да понуди такви решенија, соопштија од Левица. 

Поради немањето на персонал, кадар, опрема и соодветни капацитети во здравството за соодветно да се менаџира состојбата со пандемијата, стапот, како и безброј пати досега, се прекрши од грбот на образованието, велат од Левица. 

„Децата, место во училишните клупи, почетокот на наставната година, со неоправдано задоцнување од еден месец, го почнаа од дома. Притоа, министерката Мила Царовска не најде за неопходно да понуди решение за очигледната техничка неподготвеност на огромен број ученици да следат настава од дома. Ним, ноншалантно, во манир на Марија Антоанета, им порача да следат настава на телевизија. Четириесет илјади деца од сиромашни семејства се најдоа надвор од системот за образование. Натаму, министерката не кажа ни збор за децата со пречки во развојот и нивните семејствата кои уште претходната година беа исфрлени од системот, иако на хартија целосно се вклучени. Каде се ветените образовни асистенти и на каков начин се планира овие деца да следат настава?“, посочија од Левица. 

„Фамозната платформа пропадна заедно со  еден месец од наставната година, на крај од септември. На први октомври наставниците се најдоа исправени пред предизвикот на онлајн настава без соодветни обуки и без техничка подготвеност од страна на училиштата. Во замена на средства за работа, добија закани, уцени и притисоци самите да се снајдат и да си обезбедат технички средства за реализација на часовите“, порачаа од Левица. 

И, како тоа да не беше доволно, министерката Царовска најави дека во периодот кој следи планира да штеди на греење така што ќе ги испрати наставниците да реализираат часови од дома. Да не знаевме дека три години беше на функцијата Министер за труд и социјална политика, ќе помислевме дека никојпат не видела ниту еден член од Законот за работни односи во кој, со член 50, јасно е предвидено дека (став 5): „Работникот има право на надомест за употребата на своите средства за работа од дома.“ Но,  што може да се очекува од министерка која нема изреагирано ниту за бришењето на химната од наставна програма по Музичко образование, како еден од симболите на државата утврдени со Уставот?, велат од Левица. 

Што да се очекува од министерка која си игра весела математика со процентот заболени деца, пресметувајќи го истиот врз основа на вкупниот број школски деца, а не врз основа на бројот деца опфатени со настава со физичко присуство, со цел да го минимизира?, прашуваат од таму. 

Левица, како политичка партија, инсистира ваквите состојби на омаловажување на Уставот и игнорирање на правата на работниците, и особено, правата на децата на образование без дискриминација по било којa основa,  да се обелоденат, осудат и да се решат, стои во соопштението на Левица.