Зошто кандидатите се’ почесто одбиваат работа поради патот до работното место?
Во текот на потрагата по работа, висината на платата и работните позиции традиционално биле на врвот на листата на приоритети. Меѓутоа, новите истражувања покажуваат дека една до неодамна занемарена ставка станува клучен фактор при прифаќањето на понудата – должината и цената на секојдневното патување до работното место.
Податоците од американскиот пазар на труд покажуваат дека речиси половина од кандидатите (49 %) барем еднаш во кариерата одбиле понуда за работа исклучиво само затоа што патот до на работа им одземал премногу време или бил прескап, пренесува CNBC Make It.
Сепак, ова не е само американски феномен, со глобалниот скок на трошоците на живот, горивата и јавниот превоз, идентичен тренд присутен е и на европскиот, но и на домашниот пазар. Во текстот на порталот BIZLife.rs се мисли на пазарот во Србија, но можеме да констатираме дека истото се однесува и за Македонија, со оглед на тоа дека многу работници се бунеа откако поскапеа билетите за меѓуградски превоз.
Паричникот и менталното здравје на прво место
Кандидатите повеќе не го гледаат само износот во договорот, туку комплетниот пакет. Секојдневното повеќечасовно заглавување во сообраќајните гужви директно влијае на психата, продуктивноста и месечниот буџет.
Истражувањата покажуваат дека растот на цените на горивата натерал дури 65 % од кандидатите да ги променат критерумите за барање работа и бараат работни места кои им се поблиску до домот. Кога на месечено ниво ќе се пресмета колку оди на бензинските пумпи, патарините и билетите за превоз, многумина сфаќаат дека понуденото зголемување на оддалечена локација, во пракса не им носи никаков плус.
Покрај тоа, за речиси третина работници никакви зголемувања на плати или компензации не можат да им го надоместат изгубеното време во сообрќај. Луѓето се’ повеќе го ценат балансот помеѓу приватниот и професионалниот живот и едноставно не се подготвени да жртвуваат часови од слободното време за да одат во канцеларија.
Шанса за работодавачите да размислуваат вон шаблон
Вака променетите приоритети на работната сила ги ставаат работодавачите пред нови предизвици, но и шанси при регрутација. Ако компанијата нема можност да понуди флексибилност или работа од дома, покривањето на патните трошоци, додатоците за гориво или флексибилното работно време стануваат клучни адути за привлекување на квалитетни кадри.
Експертите за кариера истакнуваат дека кандидатите стануваат се’ посвесни за вредноста на своето време. Работодавачите кои на време ќе сфатат дека секојдневното патување до работа претставува сериозен скриен трошок, ќе имаат значајно поголеми шанси да ги задржат најдобрите работници.
Извор: BIZLife.rs

