Светот на работникот

Регрутерите одбиваат вистински кандидати па спас бараат во AI интервјуто

Девет од десет работодавачи во САД веруваат дека одбиле вистински кандидат затоа што апликацијата им изгледала лажна или напишана со AI, а како излез сè повеќе компании воведуваат структурирани AI интервјуа, покажува новиот извештај на платформата Greenhouse.

Платформата за вработување Greenhouse го објави есенското издание на извештајот Hire Standard, заснован на анкета меѓу 1.347 рекрутери и менаџери за вработување од САД, Велика Британија, Ирска, Германија и Австралија. Сликата е парадоксална. Компаниите се затрупани со апликации пишувани со помош на AI, па од страв од измама почнуваат да ги филтрираат и вистинските кандидати. Дури 34% признаваат дека често отфрлаат легитимни кандидати само затоа што апликацијата „изгледала“ лажна.

Според Greenhouse, 97% од апликациите никогаш не стигнуваат до разговор, а просечно работно место во САД се пополнува за 62 дена. Како одговор, 52% од работодавачите веќе спроведуваат структурирани AI интервјуа, а со оние што планираат да ги воведат во наредната година, бројката се искачува на 73%. Од компаниите што ги користат, 54% велат дека оценуваат повеќе кандидати отколку рачно, а 40% нашле силни кандидати што инаку би ги пропуштиле.

„Денес само три од 100 апликации стигнуваат до интервју, а додавањето уште човечки интервјуа не може да го затвори тој јаз“, вели Даниел Чејт (Daniel Chait), извршен директор на Greenhouse. Компанијата го промовира својот алат Greenhouse Voice AI, кој на секој апликант му нуди краток гласовен разговор со AI. „Вистинскиот избор е CV изгубено во купот или 15 минути кандидатот да ја раскаже својата приказна“, вели Офир Самсон (Ophir Samson), раководител за Voice AI во Greenhouse. Сепак, компанијата препорачува „човечка контролна точка“: рекрутер ги прегледува оценките од AI пред кандидатот да продолжи или да биде одбиен.

И кандидатите се помалку скептични отколку што би се очекувало. Само 7% од барателите на работа во САД би одбиле AI интервју, а 49% би учествувале поохотно ако знаат дека човек ги прегледува одговорите пред одлуката.

За работодавачите и HR тимовите во Македонија поуката е двојна. Прво, ако едно CV „звучи“ како напишано со AI, тоа не е доказ за измама, а брзото отфрлање може да ве чини добар кадар. Второ, кога огласот носи повеќе апликации отколку што тимот може да прегледа, краток структуриран разговор е подобар филтер од клучните зборови, под услов последниот збор да остане кај човек и кандидатите однапред да знаат дека е вклучен AI. За барателите на работа, пак: користете AI за подготовка, но CV-то нека содржи конкретни и проверливи резултати.

Извор: Кариера