ПравдаСветот на работникот

Левица: СДСМ го штити газдата на прилепска конфекција кој работи спротивно на препораките!

   Време за читање 2 минути

Изминативе денови, пристигнаа нови реакции од загрижени текстилни работници, кои сведочат за кршење на нивните елементарни права и свесно загрозување на нивните животи и животите на нивните најблиски, пишуваат од Левица во реакцијата.

„Имено, станува збор за текстилната фабрика „Комфи Ангел“, каде за раководството се чини дека мерките и препораките за превенција од ширење на болеста Ковид-19, скоро и да не постојат. Фабриката работи непрекинато во три смени, а на вработените им се поделени и дозволи со кои смеат да се движат за време на полициски час“, велат од Левица.

Како што велат од Левица, вработени во фирмата уште пред две недели пријавиле дека нивен колега со висока телесна температура бил држен на работното место, спротивно од препораките на епидемиолозите. Иако настанот бил пријавен до надлежните институции и на терен излегол инспектор, истиот инспектор бил директно однесен во канцеларијата на директорот, каде бил почастен со храна и пијалак и пакет производи.

„Во меѓувреме, низ халите експресно биле поделени заштитни маски и ракавици меѓу вработените за да се прикаже поинаква фактичка состојба. Впрочем, пред прогласување на тековната пандемија, имаме информации дека администрацијата на фабриката добивала чести посети и од високото раководство на СДСМ“, укажуваат од Левица.

Дополнително, од анонимни изјави Левица дознала дека истиот директор, кој е и сопственик на компанијата за преработка на текстилен отпад „Ревестија“(фирма-ќерка на „Комфи Ангел“), бил во близок контакт со заболени од Ковид-19. Од Левица велат дека за него очигледно не важи мерката карантин со оглед на тоа дека слободно се шета низ погоните, додека пак вработен во администрацијата, кој на ист начин бил во контакт со истите заразени, е во самоизолација.

„Јавно прашуваме дали Ирена Јакимоска, претседател на Управниот одбор и на Регионалната канцеларија на Стопанската комора за Прилеп и ко-сопственик на најголемата прилепска текстилна фабрика „Комфи Ангел“, во трката по профит, а од позиција на моќ, ги држи во заложништво и го загрозува животот и здравјето на речиси 1000 вработени и нивните семејства?“

Од Левица дополнително наведуваат дека иако во јавноста секојдневно се обелоденуваат нови случаи за кршење на работничките права во услови на вонредна состојба, на последната прес-конференција било истакнато дека од 422 контроли на Државниот инспекторат за труд, било издадено само едно решение?

Тие истакнуваат дека очигледна е корумпираноста во функционирањето на инспекциските служби кои, штитејќи ги крупните бизниси, директно го загрозуваат животот на работникот во услови на светска пандемија.