Останато

БАНКРОТ ПО СКОРО 400 ГОДИНИ: Славна пивара поднесе барање за стечај, ќе има отпуштања!

Една од најстарите пивари во Германија, „Hofbräuhaus Wolters“ од Брауншвајг, позната по својот бренд на пиво „Wolters“, поднесе барање за стечај. Компанијата, чии корени датираат уште од далечната 1627 година, не успеа да издржи под притисокот на падот на продажбата и енормниот раст на трошоците за производство, енергија и логистика.

Германија веќе подолго време се соочува со сериозна криза во пиварската индустрија. Потрошувачката на пиво во текот на 2025 година падна за 5,8 отсто, а негативниот тренд продолжува и во текот на оваа година.

Ова не е изолиран случај. Неодамна банкротираше и една од најстарите пивари во регионот Алгау, „Aktienbrauerei Kaufbeuren“, каде што за своите работни места се плашат 84 вработени. Само неколку дена пред тоа, стечај мораше да пријави и традиционална пивара од Швабија. Сега, на оваа црна листа се најде и германскиот гигант со традиција од речиси четири века.

Продажбата паѓа, трошоците растат

Компанијата беше најсилно погодена од комбинацијата на неколку фактори:

  • Намалена побарувачка и послаба продажба на пиво;
  • Драстичен раст на цените на енергенсите;
  • Зголемени трошоци во производството и логистиката.

Поради овие причини, приходите станаа недоволни за нормално работење. Управата беше принудена да покрене стечајна постапка со сопствено управување, со цел да се направи темелна реорганизација. Добрата вест за љубителите на ова пиво е што производството нема да биде запрено.

„Целта е стратешка санација со непречено продолжување на работењето“, изјави ревизорот Хендрик Мизегадес од консултантската куќа „Eckert Assurance“, која учествува во преструктурирањето на пиварата.

Адвокатот Кимон Кантис смета дека сè уште постои шанса за закрепнување, пренесува германски Bild.

„Wolters е компанија со долга традиција и силни регионални корени. Постапката на сопствено управување дава можност долгорочно да се одговори на структурните предизвици во индустријата“, објаснува Кантис.

Планот за спас: Фокус на домашниот пазар и безалкохолните пијалаци

Во иднина, компанијата планира повеќе да се насочи кон локалниот пазар во Долна Саксонија, додека понудата на производи би требало да се прошири и со безалкохолни пијалаци, кои бележат раст на популарноста.

За привремен стечаен управник е именуван адвокатот Торстен Гутман од канцеларијата „Pluta“, чија задача ќе биде да ја води постапката во интерес на доверителите.

Вработените се веќе известени за состојбата. Нивните плати во моментов се обезбедени, но само за следните три месеци, преку државниот фонд за исплата на надоместоци при Сојузната агенција за труд. По овој период, неминовни се кратења на работните места.

Германските пивари масовно исчезнуваат

Според податоците на Германскиот сојуз на пивари, дури 137 германски пивари згаснале во последните шест години.

Проблемите не ги погодуваат само малите, занаетчиски производители, туку и големите пиварски компании кои се принудени да ги затвораат своите погони:

  • Компанијата „Oettinger“ ја затвори својата фабрика во Брауншвајг;
  • Групацијата „Warsteiner“ планира продажба на погонот во Падерборн;
  • Се подготвува згаснување и на познатата пивара „Herforder“ во Хиденхаузен.

Кризата што ја тресе германската пиварска индустрија сè поекспресно ги брише повеќедецениските, па и повеќевековните традиции, а бројот на загрозени работни места во овој сектор продолжува загрижувачки да расте.

Извор: Telegraf Biznis