Се затвора позната германска пивара по речиси 400 години постоење
Уште една традиционална германска пивара ги затвора своите врати. Производството на пиво во пиварата „Волтерс“ (Wolters) во Брауншвајг ќе продолжи уште до крајот на годината, потврди портпаролката на адвокатската канцеларија „Екерт“, која е задолжена за стечајната постапка.
Околу 90 вработени во понеделникот биле официјално известени за одлуката за затворање.
Пиварата, основана уште во далечната 1627 година, поднесе барање за стечај летово, наведувајќи го како главна причина драстичниот пад на продажбата на германскиот пазар на пиво. Во меѓувреме, раководството бараше свеж капитал за спасување на бизнисот.
„Потрагата по нов инвеститор за производниот погон за жал не даде резултати“, соопштија од адвокатската канцеларија.
Криза во германската индустрија за пиво
Според податоците на Сојузниот завод за статистика објавени во февруари, германскиот пазар на пиво минатата година го забележа најголемиот пад од обединувањето на земјата.
Компанијата првично планираше темелно преструктуирање и ново економско позиционирање, а стечајната постапка официјално започна на 1 септември. Синдикатот НГГ (NGG) упати критики поради краткиот период помеѓу покренувањето на стечајот и конечната одлука за затворање.
Сепак, гаснењето на погонот не мора да значи и дефинитивен крај за брендот. Од канцеларијата истакнуваат дека напорите за зачувување на марката „Волтерс“ продолжуваат и дека во моментов се водат конструктивни разговори со повеќе заинтересирани страни.
Во последните години и месеци во Германија беа затворени повеќе пивари поради слабата побарувачка. Неодамна беше затворен и погонот во Херфорд (Северна Рајна-Вестфалија), додека на почетокот на годината беше укинато производството и во пиварата „Етингер“ (Oettinger) во Брауншвајг.
Извор: b92.net

