ЕкономијаСвет

Црногорските бизнисмени за растот на минималните плати: Ќе има поскапувања, отпуштања и затворања на фирми

Речиси 40 отсто од анкетираните стопанственици планираат да ги зголемат цените, 28 отсто размислуваат за намалување на бројот на вработени, а секоја осма компанија размислува да престане со работа. Економистите предупредуваат дека наглото зголемување на платите може да предизвика инфлација и дополнителен притисок врз јавните финансии.

Најавеното зголемување на минималните плати во Црна Гора предизвикува сериозна загриженост кај дел од тамошните стопанственици, кои предупредуваат дека новиот модел на пресметка на платите може да доведе до поскапување на производите и услугите, отпуштања, намалување на работното време, па дури и затворање на бизнисите. Речиси 40 отсто од анкетираните бизнисмени најавуваат дека ќе ги зголемат цените, 28 отсто би го намалиле бројот на вработени, а 12,2 отсто размислуваат за затворање на компаниите.

Ова го покажува анкетата на Центарот за истражувачко новинарство на Црна Гора (CIN-CG), во која учествувале 428 стопанственици, а чии резултати ги објавија црногорските „Вијести“.

Станува збор за реакциите на приватниот сектор на таканаречениот „Евро-модел“, со кој црногорската влада најави дека од јануари 2027 година минималните нето-плати ќе изнесуваат 1.000, 1.250 и 1.400 евра, во зависност од квалификациите. Премиерот Милојко Спајиќ ја претстави реформата како чекор кон подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Но, анкетата покажува дека дел од работодавачите стравуваат оти повисоките плати ќе создадат трошоци што нема да можат да ги покријат без дополнително задолжување или зголемување на цените.

„Резултатите од вашата анкета не треба да се читаат како паника, туку како најава. Анкетата не е репрезентативен примерок и работодавачите во анкетите знаат да претеруваат. Но, дури и ако овој процент се преполови, останува бројка поради која секоја одговорна влада би требало да застане и да се запраша дали го прави вистинскиот потег“, изјавил економистот и основач на „Fidelity Consulting“, Милош Вуковиќ.

Тој смета дека растот на платите е оправдана цел, но предупредува дека тие не можат долгорочно да растат побрзо од продуктивноста на работниците. Според него, новиот модел носи ризици од инфлација, задолжување, притисок врз пензискиот систем и особено врз малите компании.

Работодавачите стравуваат од верижно зголемување на платите

Сопственикот на угостителски објекти, кој работи и во кетеринг и пекарство, Мирослав Шуќиќ, смета дека новите минимални плати ќе предизвикаат верижно зголемување на трошоците за труд. Иако платите на неговите вработени веќе се над сегашниот минималец, тој очекува новите прагови да ги променат и очекувањата на работниците кои сега заработуваат повеќе.

„Ако на продавачката ѝ дадам 1.250 евра, а мајсторот работи за 1.700 евра, веднаш и тој мајстор ќе побара плата од 2.200 или 2.300 евра“, вели Шуќиќ.

Тој проценува дека за одредени работни места трошокот за плати може да се зголеми за 60 до 70 проценти. Наместо нагло зголемување, предлага постепено покачување на минималната плата, почнувајќи од 800 евра.

Слични стравувања има и во пекарската индустрија. Сопственик на компанија од Никшиќ со околу 120 вработени, кој побарал да остане анонимен, објаснува дека од неговите 14 продажни објекти, четири работат на границата на рентабилноста. Во нив се вработени десетина лица со плати од 750 до 800 евра.

Ако за секој од нив трошокот се зголеми за околу 500 евра, компанијата ќе има дополнителен месечен расход од околу 5.000 евра само за овие продавници.

„Ако овие продавници сега се на границата на рентабилноста, тие ќе почнат да работат со загуба и ќе бидеме во дилема што да правиме со нив“, вели стопанственикот.

Како една од можностите за избегнување отпуштања ја разгледува опцијата продавниците наместо до 21 часот да работат до 16 часот. Но, и покрај планираните заштеди, проценува дека од февруари ќе му бидат потребни дополнителни 25.000 евра месечно.

Тој веќе размислува за поскапување на производите за 10, 20 или 30 центи, а предупредува и дека растат цените на суровините и горивата.

Загрозени се малите продавници и бизнисите во помалку развиените региони

Сопственичката на компанија за трговија на големо со медицинска опрема и фармацевтски производи, Ангелина Вуковиќ, оценува дека малите и средните претпријатија не биле доволно консултирани при подготовката на реформата.

Според неа, неприфатливо е компаниите што создаваат околу 80 проценти од бруто-домашниот производ и вработуваат приближно 80 проценти од работниците во реалниот сектор да не бидат вклучени во разговорите за ваква значајна промена.

Таа предупредува дека малите продавници и бутици, особено во северниот дел на Црна Гора, би можеле да исчезнат, а последица може да биде и зголемување на сивата економија.

Особено спорно е, како што посочува, што работодавачите сè уште немаат доволно јасни информации за начинот на пресметка на новите плати и придонеси.

Економистот Вуковиќ, пак, укажува дека истиот минималец не може да има еднакви последици за сите региони и сектори.

„Хотел во Будва, пекара во Беране и фарма во Пљевља немаат ни приближно иста продуктивност. Ако за сите се пропише ист минималец, однапред е одлучено најслабите да исчезнат“, оценува тој.

Притисок и врз пензискиот систем и јавните финансии

Загриженост за долгорочните последици од новиот модел изразува и брокерот, инвеститор и претприемач Александар Јововиќ. Според него, зголемувањето на платите без соодветен раст на продуктивноста може да ја намали конкурентноста на домашното производство и туризмот, да предизвика инфлација и да доведе до пропаѓање на дел од компаниите.

Тој посебно го отвора прашањето за финансирањето на пензиите, предупредувајќи дека со промените во придонесите државата презема големи долгорочни обврски.

„Тоа значи дека државата презема обврски од 30 до 35 милијарди евра за исплата на пензиите во следните 30 до 35 години, истовремено откажувајќи се од нови приходи преку системот на меѓугенерациска солидарност“, вели Јововиќ.

Дополнителен проблем е што растот на платите може да се прелее во цените на производите, што веќе се случува во услови на зголемени трошоци за живот.

Според податоците на црногорската статистика, потрошувачките цени во октомври биле повисоки за 5,9 проценти во споредба со истиот месец лани, додека просечната инфлација во првите десет месеци од 2026 година изнесувала 3,9 проценти.

Вуковиќ предупредува дека најголемиот дел од зголемувањето на платите може да го изедат повисоките цени, поради што граѓаните што нема да добијат повисоки примања ќе го почувствуваат товарот.

„Цените се приспособуваат на плати од 1.000 до 1.400 евра, а не на пензии од 600 евра“, предупредува тој.

На ризиците од новиот модел укажува и Советот на странски инвеститори во Црна Гора, кој направил анализа врз основа на податоците од 38 компании со повеќе од 5.250 постојано вработени и околу 1.000 сезонски и агенциски работници.

Според нивните пресметки, само усогласувањето на најниските плати со новите прагови би создало дополнителен годишен трошок од 15,8 до 18,9 милиони евра. Ако се земе предвид и потребата од зголемување на другите плати за да се задржат разликите меѓу работните позиции, трошокот би достигнал од 22,1 до 25,2 милиони евра. Со вклучување на сезонските и агенциските работници, проценката се зголемува на 27,6 до 30 милиони евра.

Советот го поддржува подобрувањето на животниот стандард, но бара секторски анализи и преоден период за компаниите да можат да се приспособат.

И работниците очекуваат повисоки плати, но стравуваат од отпуштања

Анкетата покажува дека ставовите на работодавачите и вработените не се исти. Дел од работниците го поддржуваат новиот модел, сметајќи дека компаниите имаат простор за повисоки плати, но не сакаат да го искористат.

Сепак, меѓу одговорите на вработените има и стравувања дека реформата може да доведе до намалување на бројот на работници, промени во договорите и поинаков начин на пресметување на примањата.

Економистот Вуковиќ предупредува дека последиците можеби нема веднаш да се видат преку масовни отпуштања, туку прво преку запирање на новите вработувања и укинување на работните места за почетници.

„Прво ќе исчезнат новите вработувања и приправничките места“, оценува тој.

Токму затоа, според него, најголем ризик е реформата да ги погоди младите кои допрва треба да влезат на пазарот на труд, но и малите компании кои немаат финансиски резерви да ги издржат зголемените трошоци.

„Вијести“, забележува дека Анкетата не е репрезентативна за целото црногорско стопанство, што треба да се има предвид при интерпретацијата на процентите.