Лекција по трудово и социјално право: Правата од пензиско и инвалидско осигурување
Рубрика за трудово и социјално право
Тема: Правата од пензиско и инвалидско осигурување
Граѓаните ќе ги стекнат правата од пензиско и инвалидско осигурување, доколку законски предвидените услови се исполнети, и имаат поднесено барање во рок од 6 месеци од денот на исполнување на дадените услови.
Пензијата и другите парични надоместоци се утврдуваат во месечен износ и истите се исплатуваат наназад. Корисникот на пензија или на паричен надоместок може да овласти и некое друго лице во негово име да ја прима пензијата или паричниот надоместок. Доколку Фондот побара корисникот на пензијата има должност да достави потврда за живот издадена од самиот Фонд.
Најнискиот износ на пензија и минималната старосна и семејна пензија не може да биде предмет на извршување и обезбедување, освен во случај на побарување по основа на издржување утврдено со судска одлука и дадена согласност од корисникот на пензија и тоа најмногу до една третина од нејзиниот месечен износ.
ПРАВИЛНО е да се смета дека на корисникот ќе му биде исплатен најнизок износ на пензија додека тој има постојано место на живеење во Република Македонија, освен ако поинаку не е предвидено со ратификуван меѓународен договор.
ПОГРЕШНО е да се смета дека корисниците кои заминале од земјата засекогаш го изгубиле правото на пензија, доколку не се приматели на пензија во странска држава и ако повторно се населат во Република Македонија, исплатата на пензијата им се продолжува од првиот ден на наредниот месец по враќањето во земјата.
Проф. д-р Лазар Јовевски

