Колумни

Лошата финансиска ситуација не е единствената причина за заминувањето на младите од државата

Лошата финансиска ситуација - Работник
587views

Автор: Бобан Илијевски

Имав чест пред некој ден да учествувам на една трибина која беше организирана за младите луѓе, на тема „ Сеуште сум тука, а зошто би заминал“ (Убав наслов, нели?). На оваа трибина присуствуваа околу триесетина млади луѓе, од кои поголемиот број беа студенти кои допрва треба да се одлучат што ќе прават во животот. Морам да признаам дека ме воодушеви тоа што повеќето од нив како причина поради која би останале тука ги истакнаа љубовта кон татковината, семејството и оптимизот дека оваа држава има потенцијал да се подобри, како од социо – економски аспект, така и од општествено – културен аспект. Тоа ми покажа дека и покрај сите случувања, младите луѓе неизмерно веруваат дека еден ден ќе живеат во економски силна, правна држава каде што ќе се ценат вредностите кои според голем дел од младите се на ниско ниво. Една од присутните на оваа трибина рече дека ова е најголемиот проблем и дека многумина се подготвени за пари да продадат се.

Не ме изненади воопшто тоа што голем дел од пристуните рекоа дека би заминале поради ниските плати, непотизмот, партиските вработувања и корупцијата. На најголемиот дел од нив им пречи и тоа што неквалификувани кадри се на високи позиции, а квалификуваните работат за плата од 200 евра, како резулатат на партиските вработувања. Мислам дека што се однесува до областа на трудот, нашата држава треба да се поправи најмногу во овој дел и да им се овозможи на висококвалификуваните работници преку заслуга да ги добијат високите позиции, било да е тоа во јавниот или во приватниот сектор. Е, сега тука сигурно се прашувате, како во приватниот сектор, кога за тоа кој ќе биде на раководна полиција одлучува директорот, шефот или сопственикот. Епа за да ви ја расчистам дилемата ќе ви го кажам следново – доколку во јавниот сектор, унапредувањата се по принцип на заслуга, тогаш тоа ќе се одрази во приватниот сектор, бидејќи тамошните работодавачи ќе учат од државата и ќе го следат тој принцип, логично кажано. Мислам дека со ова и вие би се согласиле, зарем не?

Исто така една од работите која ја наведоа присутните е и менталитетот на македонскиот народ, факт со којшто би се согласил. Сепак тука морам да нагласам дека една од причините поради лошиот менталитет е социо – економската состојба во нашата држава, иако тоа не е оправдување за лошто однесување. Досега имам изгледано голем број на социјални експерименти на Јутуб каде што бездомници во Америка им помагаат на луѓето, од било кој аспект, така да немањето на пари не  е изговор. Оставете ги старите луѓе кои живееле во времето на поранешна Југославија и кои се длабоко разочарани од транзицијата. Ние сме тие коишто треба да ја создаваме иднина на оваа 30 годишна самостојна држава. Со гледањето наназад, нема да направиме ништо, затоа мораме да се грижиме за сегашноста и да направиме подобра иднина за нас и нашите идни генерации. Мислам дека и самата држава треба да води кампањи за подобрување на менталитетот, но сега засега такви кампањи немаме. Можеби во иднина…

Една од причините за заминување од државава беше и нечистиот воздух, за кој гледаме дека сите зборуваат, а не преземаат ништо конкретно. Имаме загаденост која ги преоѓа сите граници на паметта, но очигледно не на оние коишто треба да го решат овој проблем. Затоа сметам дека треба повеќе да се зборува на оваа тема, било да е тоа преку медиумите или преку јавни протести и движења. Колку повеќе се врши притисок, толку повеќе ќе се зборува на таа тема, а со тоа и поголема е шансата да се реши овој горчлив проблем кој со години не мачи.

Од сето ова може да се види дека немањето на пари и немањето на добро платени работни места, не се единствените причини поради кои заминуваат младите од оваа држава (одредени статстики покажуваат дека од осомостојувањето до денеска се заминати 650,000 луѓе, од кои 40 проценти отпаѓаат на младите). Се надевам дека оваа моја мини анализа или колумна ќе допре до некого. Тоа е секако и мојата цел.

Ставовите изразени во колумната во ниеден случај не ги одразуваат официјалните ставови на Порталот Работник