„Лошото работење на работниците во приватниот сектор се должи на ниските плати, високата експлоатација и лошите работни услови“
Бобан Илијевски
Во една статија на Дојче веле која ја пронајдов неодамна истражувајќи повеќе на темата пазар на труд, а која е напишана пред седум години (во 2016), социологот Илија Ацески рекол дека некои тогашни анализи покажувале дека 90 % од работниците во Македонија биле на работни позиции кои се несоодветни на нивното образование.
Нови анализи на оваа проблематика не успеав да најдам.
Професорот и активист за социјална правда за социјална правда, Здравко Савески, на кого му се обратив за стручен став, рече дека потребни се понови анализи за да се утврди колкав е овој процент сега.
„Тој сигурно е висок, но не верувам дека е толку висок. Барем во јавниот сектор и барем што се однесува до формалните квалификации на работниците веројатно постои големо совпаѓање“, вели Савески.
Ретко ќе најдете, објасни мојот соговорник, здравствен работник што нема здравствено образование или образовен работник што нема диплома од соодветен факултет.
Сепак, приватниот сектор е сосема друга приказна.
„Како резултат на екстремно долгиот период на висока невработеност, многумина беа принудени да прифаќаат работа што не одговара на нивото образование. Сепак, тоа не значи дека тие лошо ја вршат својата работа поради несоодветни формални квалификации“, посочи тој.
Според него, далеку поважни причини за лошото работење се ниското ниво на плати, високата експлоатација и лошите работни услови. Додаде дека несоодветните формални квалификации често се истакнуваат за да ги фрлат во сенка поважните причини за лошото работење.
Државата, вели тој, треба да вложи повеќе во преквалификација и доквалификација, наместо да фрла пари на тотално непотребни работи и луксузи.
„Особено ќе нагласам, бидејќи живееме среде климатска криза, а нашата држава и власт наводно преземаат мерки околу тоа, треба да се вложат средства за преквалификација на невработените во таа насока и во отворање на зелени работни места“, рече Савески.