МакедонијаПравдаСиндикат

Македонски Дипломатски синдикат: Да се замрзанат интерните огласи до завршувањето на изборите

Македонски Дипломатски синдикат - Работник
320views

Македонскиот Дипломатски Синдикат изразува сериозна загриженост поради вчерашното објавување на 21 интерен оглас за упатување дипломати во дипломатско – конзуларните претставништва. Имајќи предвид дека на минатомесечната лидерска средба во организација на претседателот Стево Пендаровски, најголемите политички партии договорија датум за предвремени парламентарни избори, несомнен е фактот дека овој масовен конкурс се распишува во крајно сензибилен период, со што се отвора простор за политичка злоупотреба на редовниот циклус на ротација во Дипломатско – конзуларните преставништва – ДКП, пишуваат од Македонскиот Дипломатски Синдикат при САДУ во соопштението.

Тие истакнаа дека со оглед на законски предвидената должина на целокупната процедура за упатување дипломати во странство, сосема извесно е дека постапките длабоко ќе навлезат во транзитните 100 дена на таканаречената “Пржинска Влада”, што дополнително ќе го компромитира комплетниот процес на донесување одлуки.

„Оттаму, оправдани се стравувањата и сомнежите на вработените во МНР дека се можни силни политички влијанија во изборот на кандидатите и партиски “клуч” при кадровските решенија во облик на подобни имиња во стратешките центри како Вашингтон и Берлин, амабасадите во Хаг и Атина, како и мисиите при Европската Унија, НАТО и Обединетите Нации. Зачудени сме што министерот Димитров се реши на ваков чин во предвечерието на формирањето техничка влада, доколку се потсетиме на неговиот потег од јуни 2017 година со кој најпрво суспендираше, а потоа и поништи 19 законски одлуки за редовно пополнување на испразнети позиции во ДКП-ата, токму и само поради тоа што беа донесени за време на тогашната техничка влада“, наведуваат од синдикатот.

Верувајќи во неговата принципиелност и пристап со еднакви аршини, тие очекуваат самиот да побара стопирање на огласите, односно нивно замрзнување до завршувањето на изборите, за да се избегнат спорни политички маневри и непотребно фрлање дамка врз изборот на дипломати.

Тие додадоа дека Македонскиот Дипломатски Синдикат будно ќе ги следи тековните процеси во Министерството за надворешни работи, не отстапувајќи од заложбите за професионална дипломатија, правичен третман на сите вработени и систем на мерливи критериуми при креирањето кадровски политики.