Работниците на „Рено“ не сакаат да произведуваат оружје: „Потпишавме договори за автомобили“
Дел од работниците на францускиот автомобилски гигант „Рено“ се противат на плановите во фабричките капацитети наменети за производство на автомобили да се произведува и воена опрема.
Поголем број вработени не сакаат да учествуваат во производството на оружје, а синдикатот предупредува дека работниците може да се соочат со отказ доколку одбијат да ги извршуваат тие задачи.
Ова го изјави Флорен Грималди, член на синдикатот CGT во „Рено“, кој вели дека многу работници му кажале оти биле ангажирани за производство на автомобили, а не на оружје.
Според него, кај вработените постои и незадоволство поради тоа што државите издвојуваат милијарди евра за воена индустрија, додека во исто време недостигаат средства за други јавни услуги.
„На работниците не им е пријатно да гледаат како се издвојуваат огромни суми за производство на оружје, додека дополнителни финансии им се потребни на пожарникарите, просветните работници, болниците и други сектори“, посочил Грималди.
Компанијата „Рено“ во јануари потпиша договор со француската армија за производство на дронови.
Со тоа, автомобилските производствени капацитети на компанијата почнаа да добиваат и нова намена, што отвори прашања и меѓу дел од работниците кои не сакаат нивната работа да биде поврзана со производство на воена опрема.
Извор: Nezavisne.com

