Македонците кои ќе одат во Хрватска и Словенија ќе ги заменуваат работници од Ирак, Иран, Пакистан…

Повторно се отвори темата за „увоз“ на работна сила од странство. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи пред некој ден посочи дека оваа година ќе се работи на ова прашање.

Ќе се олеснуваат процедурите за да можат работници од Ирак, Иран, Пакистан и Индија да дојдат да работат кај нас.

Колку олеснувањето на процедурите за вработување на странци ќе вроди со плод останува да се види. Јас не сум уверен дека ќе успееме да привлечеме многу странци. Ова го имам кажано неколку пати претходно. Мојата теза се темели на фактот што има неколку земји од регионот коишто предничат пред нас во делот на платите. За разлика од Македонија, Србија, Хрватска и Словенија исплаќаат многу поголеми плати, па оттаму не ми е јасно зошто странските работници би дошле кај нас, кога би можеле да одат да работат таму.

И овие земји имаат голема потреба од работна сила и како што реков, подготвени се да дадат поголеми плати, па логиката на нештата ја потврдуваат тезата.

Не знам, можеби се надеваат на оние работници од Азија и Блискиот Исток кои нема да успеат да најдат работа во државите каде што се нудат поголеми плати, па ќе дојдат да работат кај нас. Можеби се игра на таа карта.

Можеби од нив се очекува да бидат и замена за Македонците кои заминуваат на работа во Хрватска, Словенија, Германија итн.

Јас немам апсолутно ништо против тоа странски работници да дојдат во Македонија. Флуктуацијата на работна сила е појава која датира уште од кога е воспоставена работата како таква. Тоа и е еден многу добар начин за разменување на културни вредности и традиции. И самиот сум имал прилика во текот на студенските денови да разменам културни вредности со луѓе од надвор и можам да потврдам дека тоа е одлично искуство.

Сепак, на луѓето кои ќе дојдат тука да работат нема толку да им биде до културолошкиот аспект, колку до тоа да заработат за на своите дома да им испратат, што би се рекол народски – некој денар. Колку ќе успеат да заработат е едно големо прашање на кое ќе добиеме одговор еден ден.

Деновиве исто така има и еден куп на реакции на социјалните мрежи од страна на македонските граѓани кои на работодавачите им порачуваат да исплаќаат поголеми плати, да овозможуваат подобри работни услови и нормално работно време за да имаат повеќе домашни работници. Работодавачите пак, велеат дека веќе тешко можат да се најдат квалификувани работници во Македонија, па затоа мора да се ангажираат странски работници.