- Advertisement -
МакедонијаНовостиПравдаСветот на работникотСиндикат

Макрадули: Вработените во Пошта да не се грижат за работните места и за платите

1.97Kviews

Вработените во Пошта не треба да бидат загрижени за своите работни места и за редовната исплата на платите, порача денеска генералниот директор на АД „Пошта“ Јани Макрадули, по средбата со двата синдикати во компанијата. До средбата дојде откако денеска вработените во Пошта излегоа на предупредувачки протест, незадоволни од доцнењето на исплата на септемврискаат плата и за условите на работа.

„Во име на Управниот одбор по средбата со двата синдиката, по денешниот протест за чиј тајминг не сакам да коментирам, ги уверивме двата синдикати дека како УО ќе продолжиме да работиме посветено во компанијата за доброто на сите и дека не треба да бидат загрижени за финансиската стабилност и за исплата на платите“, изјави Макрадули.

Тој рече дека платата за септември била исплатена уште утрово, во законски рок за  сите 2.400 вработени.

„Она што како УО го истакнавме беа напорите што ги правиме, како и вработените да не бидат загрижени“, рече Макрадули, додавајќи дека од 11 ноември како нов УО во компанијата биле потпишани 87 нови договори со нови комитенти, воведена е за прв пат електронска трговија, каде што во овој моменти има 14 комитенти кои продаваат преку платформата на Пошта, воведени се нови услуги како флексибилната достава…

„АД Пошта на Северна Македонија има најбрза и најевтина цена за достава, како во градот Скопје така и низ земјата. Продолжуваме да инвестираме – ќе не има и во Ист гејт мол каде што воведуваме нова услуга „Со кеса на адреса“ и ги уверивме синдикатите дека заеднички ќе работиме посветено и вработените да не се грижат за иднината, како за своите работни места така и за платите, бидејќи сите овие чекори кои што се направени носат резултат“, рече Макрадули.

Тој истакна дека во првите 6 месеци оваа година зголемени се приходите од поштенски услуги од писмоносни приходи за 10,3 милиони денари, приходите од пакети за 1,7 милиони денари, зголемена е продажбата на марки и на филателистичкиот пазар за 0,9 милиони денари.

За жал, како што посочи, платниот промет кој што беше отежнат, односно не постоеше заради стечајот на Еуростандард банка, се уште бележи загуби во спредба со лани, но тенденцијата е дека се стигнати до неколку милиони трансакции и 50 милиони денари од провизија и дека се прават напори тој да заживее со Халк банка.

Во однос на долговите тој рече дека во првите девет месеци кон компаниите се исплатени 70 милиони денари, што е за 30 милиони денари повеќе во споредба со 2020 година, а целта е една година по состанувањето на овој УО да нема долгови од 2020 година.

„За да ги зголемиме приходите и да бидеме поприсутни аплициравме во Министерството за информатичко општество и администрација да станеме точка за е-услуги бидејќи имаме компјутерска мрежа и податочна мрежа на 335 места низ  државата. На тој начин и владата ќе биде потранспарентна и подостапна, но пред се и на граѓаните ќе им бидат олеснети некои услуги“, рече Макрадули.

„Сакам да ги уверувам синдикатите дека сето ова што го правиме го правиме за зголемени приходи и да ја повратиме пошта онаму каде што припаѓа, а тоа е кај граѓаните“, додаде тој.

Макрадули рече дека на состанокот со синдикатите се договориле дека по зголемувањето на минималната плата од 1 јануари 2021 година природно е да се разговара како да се зголеми бодот, односно како да се зголеми платата на вработените, што ќе се направи преку договарање на ниво на комисии за измени на Колективниот договор и нова систематизација.

Тој нагласи дека и во текот на изминатите месеци од почетокот на оваа година платите се поделени во законски предвидениот рок, обично од 1 до седми во месецот, а и последната која е исплатена денеска, е во законски предвидениот рок.