Малата понуда на работна сила им дава моќ на работниците – Поголемите плати, бенефити и поголемите нивоа на благосостојба ќе бидат пресудни

Поголеми плати и пакет- бенефити ќе треба да овозможат компаниите доколку сакаат да привлечат нови работници и да ги задржат истите. Ова е еден од петте трендови кои ги предвидуваат веб страната за оценување на компании „Glassdoor“ и веб страната за барање на работа „Indeed“ во нивниот заеднички Извештај за трендовите на работните места во 2023 година изработен од нивните економски експерти.

Пазарот на труд беше реобликуван од Ковид пандемијата. Додека економската криза, трошоците на живот и политичките случувања го „грабнаа“ целото внимание ширум светот, во светот на работата продолжија да се случуваат фундаментални промени поради кои никогаш повеќе ништо нема да биде исто – се вели во Извештајот.

Подготвил: Бобан Илијевски

Во прилог петте трендови кои ги предвидуваат Glassdoor и Indeed:

  1. „Тесната“ понуда на работна сила ќе продолжи да го попречува вработувањето

Погрешно е да се размислува дека со повлекувањето на Ковид пандемијата, тешкотиите при вработување на нови работници ќе исчезнат, стои во Извештајот.

Долгорочната динамика на понудата ќе продолжи да биде поголемата сила која ќе создава постојан јаз помеѓу побарувачката на работодавачите за нови вработувања и понудата на кандидатите. Ова значи дека тешкотиите при вработување кои ги гледаме денес, ќе продолжат и понатаму и покрај завршувањето на пандемијата – наведува Извештајот.

Според Извештајот, економиите на многу држави би можеле да забават или дури да влезат во рецесија додека централните банки работат на намалување на инфлацијата.

Дури и апетитите за вработување на работодавачите да се заситат, понудата на работници ќе остане тесна на долг рок.

Тесната понуда на работници има големо влијание врз работните места во целина. Ова подразбира дека нема само вработувањето на нови кандидати да биде тешко, туку и работниците ќе имаат поголема моќ да бараат промени.

Трендовите во Извештајот ќе бидат постојани поради овој јаз на понуда и побарувачка. Основната причина за ова може да се сумира во еден збор: демографија. Според проекциите на Светска Банка, во текот на следната декада бројот на луѓето кои се во „работни години“ (помеѓу 15 и 65), ќе опадне во многу земји – истакнува Извештајот.

И покрај предвидувањата за можни рецесии на светските економии, економистите на Indeed и Glassdoor веруваат дека вработувањето ќе биде предизвик во претстојните години поради демографијата и променетите барања на работната сила.

Работниците ќе продолжат да имаат предност и да притискаат за поголеми плати, подобри бенефити, поголема флексибилност и други придобивки, истакнува Извештајот и додава дека фактот дека вработувањето е предизвик има влијание врз сите аспекти на пазарот на труд, но и е двигател на сите дополнителни трендови прикажани во овој Извештај.

Што може да се направи?

Во Извештајот се нагласува дека компаниите и креаторите на политики можат да преземат мерки за да го олеснат вработувањето, а од нив се издвојуваат следните три:

  • Миграција

Привлекувањето на работници од други држави може да биде ефективен начин за промовирање на вработувањето. Поради тоа е потребно да се олесни вработувањето на мигрантите.

Во Извештајот како пример се зема Јапонија која има строги миграциски правила, но поради недостигот на работна сила го олеснила добивањето на виза за одредени категории на работници.

  • Неискористени капацитети на работна сила

Во САД, но и други земји, работодавачите многу ретко вработуваат одредени групи на работници, како на пример оние со криминално досие. Исто така, многу земји имаат закони кои ја забрануваат дискриминацијата на луѓето со попреченост. Работодавачите можат да воведат пофлексибилни политики за овие работници.

Воедно, од голема важност за привлекување и задржување на постари работници и жени е правењето на пофлексибилен распоред на работното време. Голем дел од нив не можат да работат на полно работно време поради чување на деца многу почесто од мажите.

  • Инвестирање во технологии за зголемување на продуктивноста

Заменувањето на работници со машини е контроверзна тема од дебатата за воведување на автоматизација пред неколку декади. Сепак, податоците покажуваат дека технолошките алатки можат да ја зголемат продуктивноста без притоа да предизвикаат невработеност.

На пример, во САД, благодарение на онлајн букингот, агентите за резервации и издавање на билети претставуваат многу помала стапка на вработени во авио секторот, за разлика од пред пет декади, додека стапката на вработените за услуга на клиенти во индустријата се зголемила за десет пати – стои во Извештајот.

Се наведува дека машините и дигиталната технологија со нивните растечки апликации можат да помогнат во пополнувањето на јазот на понудата на работна сила.

  1. Работата на далечина е тука за да остане

Неопходната потреба за работа од дома заврши, но и покрај тоа можностите и опциите за работа од било каде „цветаат“, наведува Извештајот.

На веб страната за вработување Indeed, огласите за работа кои се однесуваат за работа на далечина се далеку во поголем број од пред пандемијата и покрај тоа што доживеаја мал пад кога заврши истата, вели Извештајот и нагласува:

Пребарувањата за работа на далечина остануваат популарни кај барателите на работа. За ова потврда е тоа што пребарувањата за вакви работни места на Indeed ја сочинуваат најголемата стапка на пребарувања отколку во 2019 година.

И работодавачите имаат голем бенефит од работата на далечина, бидејќи таа нуди „базен“ на таленти. Неодамнешната студија на Indeed покажува дека работните позиции кои нудат работа на далечина имаат голем потенцијал да привлечат работници од секоја земја ширум светот. Поради тоа што работата на далечина теоретски може да се работи од било каде, таа е привлечна за странските баратели на работа.

Токму поради ова, работата на далечина ќе биде тренд на кои ќе мора да се прилагодат работодавачите.

  1. Бенефитите ќе одлучуваат за тоа кој ќе успее да привлече повеќе работници

Платата останува број еден причина при одлучувањето во која компанија ќе работат работниците.

Вработените Американци на возраст од 25 до 54 години, повисоката плата ја наведуваат како број еден причина за барање на нова работа. Ова се однесува на сите индустрии, вклучувајќи ги оние кои работат на саатнина.

Есента 2021 година, стапката на пребарувања на 20 долари саатнина, ги надминала оние кои пребарувале работни места каде што се исплаќа саатнина од 15 долари, а нивниот број согласно август 2022 година пораснал за 35,5 %, стои во Извештајот.

Несомнено, работниците очекуваат поголеми плати поради растечката инфлација.

Речиси сите компании во последните 12 месеци ги зголемиле платите за да привлечат работници, но тоа не е доволно за компаниите повеќе да се истакнат за да бидат попривлечни за идните кандидатите. Ако тоа не е доволно, што треба да направат?

Извештајот наведува дека како што се зголемуваат предизвиците за нови вработувања, делумно поради намалувањето на бројот на „работната популација“, холистичките бенефити станаа уште покритичен дел од компензациските пакети.

За да привлечат работници, компаниите им нудат разни бенефити, меѓу кои најчести се: здравствено осигурување, планови за пензионирање и платено отсуство од работа. Вакви бенефити најмногу им се нудат на работниците во нископлатените индустрии, па поради тоа и стапката на бенефити во овие индустрии е многу поголема од таа во високоплатените сектори.

Овие бенефити ќе имаат пресудна улога во 2023 година, па работодавачите ќе треба да бидат покреативни во нивното составање ако сакаат да привлечат повеќе работници.

  1. Среќата и благосостојбата се поважни од било кога

Платите и бенефитите се топ приоритети на работниците, но и креирањето на позитивна компаниска култура е клучна сфера според која работодавачите ќе се разликуваат еден од друг, особено во очи на работата на далечина.

Благодарение на поголемиот избор кој го имаат работниците поради тесниот пазар на труд, тие бараат поголема благосостојба на нивните работни места, вклучувајќи и поголеми нивоа на среќа, задоволство, цел и намалени нивоа на стрес.

Според Извештајот на Indeed за благосостојбата на работните места, 90 % од луѓето веруваат во тоа како се чувствуваме на работа е важно, сепак само 49 % од нив велат дека компаниите каде што работат ги мерат среќата и благосостојбата.

Мерењето и разбирањето на благосостојбата на вработените станува витална алатка за привлекување и задржување на талентираната работна сила. Овогодишните истражувања посочуваат дека очекувањата околу благосостојбата ќе продолжат да се зголемуваат – се вели во Извештајот на Glassdoor и Indeed.

Истражувањата на Glassdoor покажуваат слични трендови. Во САД, Обединетото Кралство, Германија и Франција, работниците кои се повеќе задоволни од своите сегашни работни места имаат помала тенденција да бараат друга работа.

  1. Променетата работна сила ги турка Различноста, Капиталот и Инклузивноста кон главниот фронт

Работодавачите треба да имаат во предвид дека на новите генерации работници од голема важност им се Различноста, Капиталот и Инклузивноста, па поради тоа ќе треба да работат на нив доколку сакаат да привлечат и да задржат нови генерации на работници.

Анкетата спроведена во септември 2022 година од страна на Indeed и Glassdoor покажува дека возраста и генерацијата, повеќе од родот, расата/етникумот, географијата, сексуалната ориентација или статусот на родител, одлучуваат дали некој верува дека Различноста, Капиталот и Инклузивноста се важни на работните места.

Стапката на оценки на компании на Glassdoor во контекст на тоа дали компанијата ги нуди овие три сегменти и бенефитите како ресурсни групи за вработени, тренинг за различност и менторски програми порасна во 2020 и 2021 година во САД, Канада и Велика Британија, поради тоа што социјалната правда и прашањата околу капиталот влегле во центарот на вниманието.

Според ова, на работниците се повеќе им стануваат важни почитувањето на различностите, правилната поделба на капиталот и прагматичната инклузивност.

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.