Марш на црвените чадори во Скопје, одбележан 15 годишен јубилеј

Сексуалните работници денеска во Скопје одржаа „Марш на црвените чадори“ по повод одбележувањето на 17-ти декември – Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници.Маршот почна од платото пред Спомен куќата на Мајка Тереза на улица „Македонија“ и заврши на плоштадот „Филип втрри“.

„Ние, сексуалните работници, здружени во СТАР-Првиот колектив на сексуални работници на Балканот, заедно со нашите партнери и поддржувачи ХОПС-Опции за здрав живот Скопје, ТрансФормА и Коалиција МАРГИНИ, овогодишната кампања ја посветуваме на 15 годишниот јубилеј, преку ретроспектива на изминатите маршеви на црвени чадори, на сите наши успеси, постигнувања, јавни пораки и барања, но и предизвици и проблеми со кои сме се соочувале низ годините во борбата против насилството и дискриминацијата“, информираа организаторите.

Првиот Марш на црвените чадори беше одржан во Скопје на 17-ти декември 2008 година во организација на здружението ХОПС и тогаш неформалната група СТАР-СТАР.

Организаторите потсетија дека првите три години јавните протести на сексуалните работници биле симболични и се одвивале без присуство на медиумите.

„Што пак се должеше на стравот да излеземе во јавност и јавно да зборуваме за нашите проблеми и потреби. Но, од година во година станувавме се похрабри и погласни во борбата против насилството, стигмата и дискриминацијата и благодарение на Вашата медиумска поддршка овие јавни настани добиваа се поголема видливост. Повеќе не сме скриени во општеството и зборуваме во свое име“, велат тие.

Извор: РСЕ