Дали нашите работници масовно ќе даваат откази од работа?
Не ми е мило кога се остваруваат некои од моите прогнози, но задоволен сум кога ќе се испостави дека се точни.
Многупати претходно, во моите колумни, но и новинарски извештаи, пишував дека трендовите коишто започнуваат на Западната хемисфера, ќе се прошират и во нашиот регион. Конкретно, во неколку наврати реков дека феноменот познат како The Great Resignation или Големиот Отказ дека ќе дојде и кај нас, односно во нашиот регион.
Овој тренд веќе зема замав во Хрватска, каде се поголем број на луѓе даваат отказ од работа. Како што велат истражувањата, причини за тоа се лошите меѓучовечки односи, лошите работни услови и ниските плати. 2020 и 2021, како пандемиски години го создадоа овој тренд. Работниците увидоа дека здравјето, благосостојбата и семејство се поважни од работата. Особено од работата која не те исполнува.
Штом овој тренд пристигна во нашето соседство, неминовно е и да се прошири кај нас. Во Македонија. Да не ни биде чудно ако одеднаш луѓето масовно започнат да даваат откази од работа. Работодавачите треба да бидат подготвени на ваквиот бран кој, и тоа како, може да ги зафати сите сектори. Сепак според мене, најмногу би бил погоден приватниот сектор.
Знам дека има многу што мислат дека “зборувам глупости” додека го читаат писаниево, особено некои од газдите, односно лошите работодавачи. Јас нема да трошам енергија и да им објаснувам на нив. Ќе покаже времето. Како што покажало и за многу други нешта.
На работниците, особено и оние коишто работат за газди, трпението им е при крај. Ова што се случува со новиот тренд, тие ќе го искористат во нивна полза. Според мене, тие ќе изберат една од овие две работи:
• Ќе бараат работа каде што ќе има подобри меѓучовечки односи, работни услови и плати или
• Ќе заминат во странство.
Постои и трета можност, а таа е да се префрлат на фриленсинг и од дома да работат преку некоја од платформите кои нудат фриленс работа.
Внимавајте, истото се случува на Запад и во нашиот регион. Штом трендовите на откази се следат, логично е да се следат и трендовите на вработување.
Во кратки црти, ова е мојата нова прогноза, која се надевам дека нема да се оствари на тој начин што ќе им наштети на работодавачите кои го ценат трудот на своите вработени.
П.С. Компаниите и тоа како ќе бидат принудени да ги исполнуваат барањата на работниците.

