Маѓепсан круг: Мала е продуктивноста, не може да растат платите – Барам поголема плата за да работам
Бобан Илијевски
Едно од можеби најчестите прекршувања на работничките права со коишто се соочуваат македонските работници е нивното пријавување на скратено работно време од страна на работодавачот, а тие во реалност работат на полно работно време. На овој начин работодавачот штеди, односно плаќа помали придонеси. Ова можеби е едно од најчестите прекршувањата на правата од работен однос и е најмногу застапено во малите и средните компании, каде има помалку вработени. Овој податок не го вадам од памет, истиот е нотиран во Извештајот на веб страната Балкон3 којшто е финансиран од страна на Европската унија и за кој објавив посебен текст. Всушност, овој Извештај потврдува многу од тезите коишто ги пишував во моите колумни. Мразам што сум во право околу овие работи, но ете и истражувањата го покажуваат тоа што и јас го пишував.
Ова не е прв Извештај којшто дава негативна оценка за ситуацијата во работничките права. И Извештајот на Меѓународната Конфедерација на синдикати посочува дека во Македонија се прекршуваат работничките права и тоа, според истражувањата на оваа организација, се кршат системски. Тоа значи дека Владата го попречува остварувањето на работничките права и го задушува синдикалното делување во Македонија, сфаќајќи го социјалниот дијалог како формалност, наместо алатка за унапредување на правата и благосостојбата на работниците. Како и секогаш, моралот и човечката објективност ме тераат да посочам дека не само оваа Влада има удел во лошата состојба на работничките права. Тие се табу тема уште од самото осамостојување на Македонија како независна и автономна држава. Се уште на никој не му текнува да обрне малку повеќе внимание на оваа тема, бидејќи имаат поважна работа – дневнополитичките препирки и прикажувања помеѓу себе, додека работниците се под се поголем притисок кој ги принудува да дадат откази од работа и да заминат надвор од државата.
Поради недоволното посветено внимание од страна на надлежните институции, добар дел од работодавачите си земаат за право да го искористат трудот на работникот на најразлични неетички и нечовечни начини со цел да го зголемат својот капитал, а на нив да им дадат ситни трошки. Забележав дека многу од нив ја избегнуваат темата за зголемување на платите, вадејќи се на намалената продуктивност, па некогаш се прашувам дали продуктивноста е само еден апсурден изговор за да не ги зголемат платите? Јас сум убеден дека работниците коишто работат во фабриките не спијат, туку макотрпно работат. Според мојата логика, кога се работи и кога производите излегуваат како што треба да излезат, тогаш се е во ред со продуктивноста. Ставени сме во некој маѓепсан круг којшто бесконечно врти со „поголема продуктивност – поголеми плати. Сакам поголема плата за да бидам продуктивен/на.“ Не знам кога ќе заврши да се врти овој круг, но се надевам дека тоа ќе биде набрзо, бидејќи ако продолжиме вака нема да постигнеме ништо друго освен затворање на компании и губење на работна сила преку одлевање на истата. Мора да се најде соодветно решение за ова, во спротивно не очекува егзодус од невидени размери.
Јас лично се залагам за тоа и работодавачите и работниците да бидат во добивка, но со моменталната ситуација во Македонија тешко тоа дека ќе се случи. Да се надеваме на подобри времиња, друго ништо не ни преостанува, освен оптимизмот.

