ЕкономијаСвет

Мајстори на измама: Дури 86.000 луѓе во Италија никогаш не платиле данок

Новиот, унапреден даночен систем во Италија откри стотици илјади граѓани и компании кои со години не пријавувале даноци или придонеси, при што најголемите измами се поврзани со данокот на додадена вредност (ДДВ).

Според податоците од анализите за минатата година, италијанската Даночна управа идентификувала дури 86.000 граѓани и компании кои никогаш не поднеле даночна пријава, иако подолг период остварувале економска активност. Ова го соопшти директорот на Даночната управа, Винченцо Карбоне.

„Откривме повеќе од 200.000 даночни затајувачи, меѓу кои има и физички и правни лица. Во 57 проценти од случаите, обврзниците воопшто не поднеле даночна пријава иако имале приходи што морале да ги пријават. Во преостанатите 43 проценти, односно кај околу 86.000 обврзници, станува збор за субјекти кои биле целосно непознати за даночните власти, што значи дека работеле целосно нелегално“, изјави Карбоне.

Тој ги отфрли тврдењата што се појавија во италијанската јавност дека идентификацијата на досега непознатите даночни обврзници е резултат на примена на вештачка интелигенција. Според него, системот не е автоматизиран за директно откривање даночни измами, туку содржи механизми за препознавање сомнителни обрасци во даночните обработки.

„Агенцијата континуирано анализира податоци за сите даночни обврзници – станува збор за повеќе од 17 милиони проверувани позиции – по што дел од нив се избираат за подетална контрола. Токму ваквиот пристап минатата година доведе до откривање на над 200.000 даночни затајувачи“, истакна Карбоне.

Подеталните контроли, како што објасни тој, вклучуваат технички анализи на несогласувањата меѓу електронски пријавените податоци и реално платените износи.

Сомнителен ДДВ

По овие откритија, Италијанската даночна управа најави дека ќе испрати околу 2,4 милиони писма до даночните обврзници со барање за појаснување на одредени даночни податоци.

„Таканаречените писма за усогласување имаат цел да ги предупредат обврзниците за разликите меѓу пријавеното и платеното, давајќи им можност да ги коригираат грешките со минимални казни, пред да започне формална ревизија“, објасни Карбоне.

Анализата покажала дека од утврдените даночни прекршители, околу 49.000 се граѓани, додека остатокот се компании и други правни лица. Најголемиот дел од даночните затајувања во Италија се поврзани токму со ДДВ.

Ризиците од даночна евазија остануваат високи

Италијанската државна новинска агенција Анса во свој коментар наведува дека доколку историскиот тренд на раст на даночните приходи, забележан во периодот од 2002 до 2023 година, продолжи до 2028 година, приходите би можеле структурно да се зголемат за до 0,3 процентни поени од БДП. Во среднорочен и долгорочен период, до 2041 година, односот меѓу јавниот долг и БДП би се намалил за повеќе од 4 процентни поени – од 122,5 на околу 118 проценти.

Весникот La Stampa, повикувајќи се на анализите на Канцеларијата за буџет на италијанскиот парламент, наведува дека Италија и понатаму бележи високи нивоа на даночна евазија во споредба со другите европски земји.

„Во последните дваесет години е постигнат значителен напредок, особено благодарение на мерките што имаа силен ефект врз ДДВ – како што се поделено плаќање, обратна даночна пресметка, електронски пренос на сметки и електронско фактурирање. Доколку овие мерки со текот на времето се консолидираат, тие би можеле да создадат нови фискални резерви, кои потенцијално би се искористиле за намалување на односот меѓу долгот и БДП“, наведуваат од италијанскиот парламент.

Извор: b92.net