Интервјуа

Мизрахи за Работник: Работењето на Царовска во МТСП било базирано на популизам

1.16Kviews

Таа беше разрешена од функцијата Министер за труд и социјална политика во четири часот наутро, од причини кои не се целосно добро познати.

Ексклузивно за Порталот Работник интервју со Рашела Мизрахи, во кое раскажува за тоа како гледа на нејзиното разрешување од денешна перспектива…

Од денешна перспектива, како гледате на Вашето разрешување од позицијата Министер за труд и социјална политика?

За краткиот период можам да кажам дека бев присутна секојдневно низ цела Македонија во посета на центрите за социјална работа во коишто вработените се соочуваат со низа на потешкотии поради примената новиот Закон за социјална заштита, како и други типови на дисфункционалност на системот. Што се однесува пак до вербалната нота која што беше спомената дека ја има, никогаш не стигна ниту кај мене, ниту пак ја видоа медиумите.

Да оставиме времето да покаже.

Вие пронајдовте и низа на недоследности во функционирањето на Економско – Социјалниот Совет во времето кога министерка беше Мила Царовска. Дали според Вас ова е една од причините за Вашето разрешување?

Во однос на недоследности во функционирањето на Економско – Социјалниот Совет на прес конференција ја информиравме јавноста, а воедно и истражните органи на Република Македонија за работата на истиот со кој претседаваше тогашната министерка Мила Царовска. Станува збор за грубо прекршување на Деловникот за работа на ЕСС во неколку одржани седници на Економско социјалниот совет.

На 35-та седница на Економско социјалниот совет одржана на 30.06.2017 година, г-ѓа Царовска побарала да биде донесена дополнителна точка на дневниот ред за измена на Деловникот за работа на ЕСС на што се спротиставиле членовите на репрезентативните синдикати и истите се изјасниле дека не биле известени за промените во дневниот ред и со тоа ја напуштиле седницата на Советот.

Согласно членот 8 од Деловникот за работа на Советот, седница се одржува доколку присуствуваат најмалку три претставници на Владата на Република Македонија и најмалку три претставници од социјалните партнери, а согласно членот 3 од истиот Деловник седниците на Советот се свикуваат со предлог дневен ред најмалку 8 дена пред одржувањето на седницата.

За самоволието и криминалното работење на Мила Царовска како претседател на ЕСС, говори и тоа дека неколку наредни седници поточно на 36-та, 37-та и 38-та седница на Советот каде било дискутирано за низа на популистички мерки истите биле усвоени без потребниот кворум за работа на Економско социјалниот совет што е спротивно на Деловникот за работа на Советот како и Спогодбата за основање на Економско социјалниот совет а за истото грубо прекршување на Деловникот за работа беше посочено и од членовите на репрезентативните синдикати на 40 седница на ЕСС одржана 26.12.2017 година. Воедно известивме дека за сите овие против правно одржани седници на Економско социјалниот совет кои се водени без потребниот кворум, повторно е извршено грубо прекршување на Деловникот согласно член 12 став 4 и 5 во кој Записникот се усвојува на наредната седница на Советот, а спротивно на тоа претходно споменатите седници Г-ѓа Царовска ги усвојува и потпишува на 05.01.2018 година.

Што Вие би направиле за да се подобри социјалниот дијалог во нашата држава?

Кога станува збор пак за главната цел на самиот социјален дијалог тој треба да промовира градење консензус и демократско вклучување меѓу главните засегнати страни во светот на работата. Успешните структури и процеси на социјалниот дијалог треба да имаат потенцијал да решат важни економски и социјални прашања, да поттикнат добро управување, да го унапредат социјалниот и индустрискиот мир и стабилност и да го зајакнат економскиот напредок.

Бобан Илијевски