ЕкономијаМакедонија

Мицкоски од Охрид: „Костал“ е двигател на македонската економија и пример за успешна странска инвестиција

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Охрид порача дека германската компанија Костал претставува една од најуспешните странски инвестиции во Македонија и значаен двигател на домашната економија.

На одбележувањето на 10-годишниот јубилеј на компанијата во Охрид, Мицкоски истакна дека една деценија е доволен период за да се согледаат резултатите од соработката меѓу државата и инвеститорите, оценувајќи дека постигнатите бројки се „импресивни и охрабрувачки“.

Тој нагласи дека „Костал“ денес е меѓу петте компании со најголем извоз во државата и има директно влијание врз македонскиот бруто-домашен производ. Според него, растот на компанијата од 80 милиони евра приходи пред неколку години до очекувани 280 милиони евра оваа година е доказ за успешната економска приказна што се развива во Охрид.

Премиерот потенцираше дека повеќе од 1.300 вработени во производствените капацитети на компанијата значат сигурност за многу семејства и дополнителен развој за регионот.

„Колку е поуспешен ‘Костал’ во Македонија, толку ќе биде поуспешна и државата. Но и обратно – колку Македонија е попросперитетна, толку подобри услови ќе има и за инвеститорите“, порача Мицкоски.

Тој додаде дека инвестициите на компанијата надминуваат 200 милиони евра, што ја прави најголема германска инвестиција во земјава во автомобилската индустрија.

Во своето обраќање, Мицкоски упати порака дека Владата останува партнер на компаниите кои инвестираат и отвораат нови работни места, нагласувајќи дека економскиот развој може да се постигне само преку заедничка соработка меѓу институциите и приватниот сектор.

„Нашата заедничка цел треба да биде уште поголем раст – повеќе инвестиции, повеќе вработени и уште посилен извоз во годините што следат“, истакна тој.

На крајот од говорот, премиерот им се заблагодари на менаџментот и вработените во „Костал“ за нивниот придонес во развојот на македонската економија и посака уште многу успешни години соработка.