Младите против елитата во Давос: „Не може повеќе вака“
Млади луѓе излегле на улиците во Давос за да протестираат во очи на почетокот на Светскиот економски форум. Таму стигнале илјадници политичари и претприемачи од целиот свет, пишува Дојче веле.
Протестот во швајцарскиот град Давос е мал, но гласен. Неколку стотина млади луѓе се собрале на средишниот плоштад Постплатз. Црните лимузини поминуваат покрај нив. Ова планинско место, во кое инаку масовно доаѓаат скијачи, овие денови изгледа поинаку. Пекари, кафулиња и бутици на неколку дена станале локации на банки, компании или држави. Локалната гостилница сега е „белгиска куќа“. Стариот мебел е исфрлен, а во крчмата се внесени дизајнерски парчиња мебел и големи рекламни плакати.
„Eat the rich“ („изедете ги богатите“) и „tax the rich“ („оданочувајте ги богатите“) се дел од паролите кои ги упатуваат собраните. Некои од нив ја блокираат улицата. Нивниот протест е насочен кон учесниците на Светскиот економски форум. Тој состанок во Давос, велат, претставува чисто трошење пари и време. „Протестираме против лобистичкиот состанок на богатите и моќните во Давос. Јасно е дека тие се одговорни за кризите во нашето време“, вели Миријам Хостетман од швајцарското здружение на млади социјалисти, кое е ко-организатор на демонстрациите под слоганот „strike WEF“ (World Economic Forum).
Директност на WEF
Инес Јабар има нешто поинаков поглед на овогодишниот собир во Давос. Оваа млада Перуанка оваа година е повикана на Светскиот економски форум. Во Лима заедно со други се ангажира за заштита на околината, решавање на социјални проблеми и активна е во мрежата Global Shapers. Оваа глобална мрежа, во која учествуваат млади и ангажирани луѓе на возраст помеѓу 20 и 30 години го советува Форумот, но се организира самостојно.
Инес Јабар во Давос сака да разговара со светските моќници. Сака да гради мостови, но и отворено да зборува. Протестите ги разбира. „Тоа покажува дека младите луѓе се грижат. Протестираме бидејќи мораме да го кренеме гласот за работите за кои ни е грижа. Но, ние сме исто така присутни и во самите сали на Форумот, каде можеме промислено да разговараме со луѓето кои носат одлуки за нашата иднина.“
Не може понатаму вака
50 Global Shapers од целиот свет учествуваат во дебатите во Давос. Темите, помеѓу другото, ги опфаќаат и социјалната правда, климатските промени и вештачката интелигенција. Присуството на лице место е можност да се влијае на носителите на одлуки. Овие млади луѓе се незадоволни. „Не може понатаму вака“, вели Олајумоке Адекеје.
Нигеријката е огорчена, бидејќи само 2,8 % од членовите во парламентите во земјите ширум светот имаат помалку до 30 години. Во под-сахарска Африка поголемиот дел од населението е помладо од 25 години, вели таа, но кога станува збор за носење одлуки кои се однесуваат на нивната иднина, тие не се вклучени. За тоа да се промени, таа е во Давос.
Следните денови веројатно малку ќе има време за спиење бидејќи распоредот ѝ е кнап. На прашањето што планира, одговора: „Да посеам идеи за тоа како да се поддржат и засилат младите луѓе за да преземат поголема одговорност. Младите луѓе, тука и надвор, заедно можат да испратат силна порака дека промената е возможна.“
Да се преземе општествена одговорност!
Во силата на младите верува и Акшаи Саксена. Тој исто така сака промени: „Премногу одлуки кои го погодуваат мнозинството се носат од мала група на луѓе.“ Индиецот ги поддржува младите таленти преку својата организација Avanti Fellows. Фокусот е на децата од сиромашни семејства, кои имаат ограничен пристап до образование. „Има толку многу паметни деца, извонредни луѓе, чии таленти често залудно се трошат.“
Акшаи Саксена на Светскиот економски форум ќе биде прогласен за „општествен претприемач на годината“ (Social Entrepreneur of the Year). „За капитализмот да функционира, оние кои имаат многу треба да го делат своето богатство. Тоа е нивна општествена одговорност“, вели тој.
Со помош на неговата организација, околу 70,000 млади Индијци посетуваат онлајн курсеви по математика, технологија и други научни гранки. Тие добиваат целна поддршка низ разни програми на оваа организација.
Акшаи Саксена со гордост зборува за младите кои, по поддршката, дипломирале на престижниот МИТ во САД. „Мојот пристап е насочен кон резултати“, вели тој и додава: „Проблемите би требало да ги решаваат оние кои се најмногу погодени од нив. Во тоа сигурно има вистина.“
Извор: Index.hr
Фото: Instagram