ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

„Многу е лесно да се најдат работници, само треба да се зголемат платите“

   Време за читање 4 минути

Подготвил: Бобан Илијевски

Ако се земат предвид невработените кои се „активни“ (107,588) и оние кои се „пасивни“ (46,000) баратели на работа, во Македонија невработеноста заклучно со април изнесува 154,000 лица.

Работодавачите, па и самиот Вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи, велат дека има недостиг на работна сила. Тој неодамна рече дека во Македонија недостигаат 10,000 работници, а на одредени веб страни за вработување има дури 50,000 слободни работни места.

Дел од невработените ќе речат дека причината поради која не сакаат да работат се ниските плати, а на ова работодавачите ќе одговарат дека ниските плати се должат на ниската продуктивност. Според нашиот соговорник, тоа е само изговор за да не ги зголемат платите.

Имаме стотици илјади невработени, а сепак недостигот на работна сила е голем

Професорот и активист за социјална правда Здравко Савески за порталот Работник вели дека, пред сѐ, едно од најважните прашања кои треба да се постават е дали овие „други лица што бараат работа“ се исто така невработени или се одвишна статистика што можеме едноставно да ја занемариме?

Во одговорот на прашањето на редакцијата, тој вели дека секој капиталист/работодавач што има недостиг на работници може лесно да го реши проблемот.

Здравко Савески – професор и активист за социјална правда

„Нека ја зголеми цената за трудот што го бара, па ќе добие работници“, рече и додаде дека ова не е тоа што сакаат да го слушнат.

Потсети дека тие 30 години на работниците им велеа – „Ако не ти чини, ене ти ја вратата“. Според него, сега ситуацијата е комплетно промената, односно сега оваа реченица гласи: Ако не ти чини да го плаќаш трудот поскапо, седи си со помалку работници и нека страда твојот профит“.

„Ова е капитализам. Понудата и побарувачката ја диктираат цената. Ако нема понуда за одредена цена, може да ја има за повисока цена“, вели Савески.

Големиот недостиг на работници и покрај големата бројка на невработени се должи и на не-совпаѓањето на квалификациите што се бараат и квалификациите на невработените лица.

„Вториот проблем (ама вториот, не првиот) е не-совпаѓањето на квалификациите што се бараат и квалификациите на невработените лица. Тоа може да се реши преку преквалификација, организирана како од капиталистите така и од државата“, посочи Савески.

Преку овозможување на повисоки плати и можности за преквалификација, значително ќе се намали проблемот на празни работни места, појасни Савески, потенцирајќи дека тогаш нема да имаме толку празни работни места на толку голем број невработени и неактивни работоспособни лица.

Една од причините поради која луѓето одбиваат работа се ниските плати

Савески смета дека „нашите капиталисти се учени секогаш да изнаоѓаат изговори за да не ги зголемат платите“.

„Ниска била продуктивноста, требало државата уште повеќе да им ги намали веќе ниските даноци, требало да ги субвенционира платите на работниците што работат за нив итн. итн.“, рече Савески и додаде:

„Дека нашите капиталисти не се за верување покажува неодамнешниот пример со замрзнувањето на цената на лебот. Капиталистите од мелничарско-прехранбената индустрија тврдеа дека ќе мора да ги затворат фирмите ако се имплементира замрзнувањето на цената. И? Се замрзна цената, па никоја фирма не пропадна“.

Според него, често се „вергла“ тој изговор без да се постави прашањето зошто продуктивноста била ниска и чија вина е тоа. Продуктивноста на трудот, вели нашиот соговорник, се зголемува со вложување во понови технологии.

„Чија вина е што не се вложува во понови технологии? На работниците? Или на капиталистите? Така што, ако капиталистите се жалат на ниската продуктивност, мојот совет до нив би бил да намалат со трошењето на луксуз и трупањето екстра-профити и да вложат во нови технологии и доквалификација на работниците“, рече Савески.

Дополни дека ако не им чини да ја коригираат цената согласно состојбата со понудата и побарувачката, може да не најдат кој да им работи, а тогаш можеби ќе бидат принудени да ја затворат фирмата.

 

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси