- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

„Можни се принудни одмори за работниците заради намалениот обем на производство во странските компании“

„Можно е воведување на принудни одмори“ - Работник
6.97Kviews

Ограничувањата коишто се уште се во тек во Западна Европа ја искомплицираа работат на странските компании во Македонија и тоа најмногу се одрази врз работниците.

„Можно е воведување на принудни одмори за работниците заради намалениот обем на производство во странските компании“

Од Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Северна Македонија велат дека дополнителните рестрикции и забавувањето на побарувачката во Европа можно е да создадат потенцијални ситуации како воведување на принуден одмор за работниците заради намалениот обем на производството, но сметаат дека нема да има намалување на бројот на вработени. Велат дека информациите со кои располага Советот за странски инвеститори се дека бројот на вработени ќе се прилагодува согласно бројот на нарачки од клиентите и обемот на работа. 

Истакнаа дека металопреработувачката, машинската, електро и автомобилската индустрија како исклучително извозни сектори не беа поштедени од тој пад на странската побарувачка.

Целосно опоравување на економија очекуваат во 2023 година

Нивните очекувања, како што велат, се дека 2021 година ќе биде година на заздравување на економската активност, а воедно очекуваат дека ќе има пораст на светската трговија и на индустриското производство, додека целосно опоравување очекуваат во 2023 година. 

„Согласно последните проекции од јануари оваа година, Меѓународниот монетарен фонд предвидува светската економија да расте со 5,5% во 2021 година и 4,2% во 2022 година. Проекцијата за 2021 е ревидирана нагоре за 0,3 процентни поени, како резултат на очекувањата дека успешната вакцинација и дополнителните пакети за финансиска поддршка ќе резултираат во зајакнување на економската активност, посебно кон крајот на годината“, велат од Советот на странски инвеститори. 

Нивната прогноза во однос на економските последици од Ковид – 19 за 2021 година вклучува намалени нарачки од клиентите, за околу 70 до 80% споредбено со 2019 или почетокот на 2020 година, пред затворањето во Европа, особено во горенаведените сектори на преработувачката индустрија. Согласно предвидувањата на нивните членки, сметаат дека во 2021 година ќе дојде до постепено опоравување, но тоа нема да биде рамномерно во сите сектори, индустрии и региони. 

„Обемот на производството ќе биде зголемен во однос на 2020 година, но со сигурност не може да се каже дали агрегатните бројки ќе бидат на нивото од 2019 г. или над тие резултати посебно во извозните перформанси“, велат од Советот. 

Процесот на заздравување, според нив, барем во автомобилската индустрија во која се вклучени најголемиот број на странски компании од слободните економски зони, ќе биде бавен поради негативните фактори кои имаат влијание врз намалувањето на продажбите и производството во Европа, потенцирајќи дека компаниите кои работат во оваа индустрија се соочуваат и со ограничен пазар на труд и неквалификувана работна сила, пониска продуктивност и бирократски процедури коишто сметаат дека се непотребни. 

Одреден оптимизам за побрзо закрепување на индустријата, сметаат дека даваат државните интервенции, поттикнати од Советот, како што се временото намалување на царинските стапки на увоз на определени материјали, предвремена исплата на државата помош врз основ на побрзо реализирани инвестиции од планираните и слично. 

„Во секој случај нашите очекувања за 2021 година се пред се’ позитивни и рефлектираат значителен оптимизам токму поради првично позитивните предвидувања, но сепак растот нема да се врати на сценаријата пред нивото од пандемијата, за кое со сигурност ќе бидат потребни повеќе од три години опоравување. Дополнителните рестриктивни мерки, кои се воведени во Европа за декември 2020 и јануари 2021, а можеби и подолго, се дополнителен ризик, заедно со брзината на имплементација и ефикасноста на вакцините. Паралелниот развој на неколку вакцини (САД, Британија, Германија, Русија и Кина) и давајќи приоритет на своето население, според нас е само доказ повеќе дека ваквите глобални закани ќе ја продлабочуваат поделбата и ќе придонесат кон нерамномерно опоравување и раст“, посочија од Советот на странски инвеститори. 

Странските компании со години наназад се соочуваат со недостиг на кадар кој веднаш би се вклучил во работните процеси

На прашањето на порталот Рабтотник кои се нивните очекувања од проектот „Учи паметно, работи“ стручно чија главна цел е да обезбеди стручен кадар за компаниите, од Советот на странски инвеститори велат дека позитивно гледаат на овој проект и истиот се реализира со поддршка на Стопанската комора на Северна Македонија. Истакнаа дека во истиот се вклучени и голем број на странски компании кои се членки на Советот. 

Од таму наведоа неколку аспекти поради кои сметаат дека овој проект е позитивен:

  1. Креирање на релевантна уписна политика според потребите на компаниите на локално и регионално ниво. Како податок имаме 80% од невработените се невработени затоа што имаат несоодветни вештини и компетенции.
  2. Модернизирање на стручното образование и обука
  3. Квалитетна реализација на практичната обука во компаниите,
  4. Зајакнување на социјалниот дијалог кој е многу важен во стручното образование: да се сослушаат потребите на компаниите и локалната заедница и да се биде отворен да се излезе во пресрет на тие потреби.
  5. Образованието и реалниот сектор не смеат да се гледаат како два паралелни света, туку секој треба да знае дека е одговорен во креирањето на компетентни кадри со вештини со кои можат веднаш да се вклучат во работните процеси и да бидат препознаени на пазарот на труд.

Велат дека Советот веќе долго време се занимава со проблемот за обезбедување на стручен кадар по мерка на бизнисот, од причина што компаниите – членки на истиот, со години наназад се соочуваат со недостиг на кадар кој веднаш би се вклучил во работните процеси. 

Бобан Илијевски