(Мултимедијална колумна) Ем пари, ем искуство – Младите имаат можности какви што немале нивните родители

Автор: Бобан Илијевски

За разлика од порано, денес младите луѓе насекаде во светот, вклучително и во Македонија, имаат многу повеќе можности да изградат кариера во професиите кои се од нивен интерес. Само што сѐ уште на многу млади најголем предизвик им е да губат време на непродуктивни работи. И да, јас нема да се извадам од оваа категорија на луѓе, бидејќи до пред неколку години и јас бев таков. Сепак, навреме сфатив дека залудно го трошам времето и дека треба едноставно да се посветам на работи коишто ќе ми помогнат да се развивам и унапредувам, како професионално, така и приватно.

 

Знајте дека ова не го пишувам за мене и првиот параграф не е суштината на ова писание. Кога велам дека младите денес имаат многу повеќе можности, за разлика од порано, мислам на тоа дека можат и додека студираат и додека бараат работа да заработат пари. Мислам дека речиси сите млади знаат добро англиски, знаат како да пишуваат на англиски јазик, а знаат и како да преведуваат. Можеби ви треба малку вежбање, но уверен сум дека можете. Тоа знаење, благодарение на интернетот и платформите коишто нудат фрилленсинг ангажмани, можете во голема мера да го искористите за да заработите пари, без притоа да бидете обврзани да работите по осум часа. Овие платформи најчесто се флексибилни, а со тоа овозможуваат и да работите кога сакате каде сакате и што сакате – од куцање на текстови, до креирање и монтажа на видеа и правење компјутерски програми. Оние коишто сакаат да пишуваат, имаат можност тоа да го прават на овие платформи и за возврат да добиваат пари.

Има голем број на млади Македонци коишто пишуваат блогови за различни веб страни, притоа некои од нив работат и за онлајн маркетинг агенции коишто креираат содржини за клиенти (компании, невладини организации итн.). Ако се прашувате од каде знам дека има многу наши кои го работат ова, сега ќе ви одговорам. Пред некое време се обратив до една онлајн маркетинг агенција којашто ангажира вработени на полно работно време, на половина работно време и хонорарци за да пишуваат блогови од различни области за нивните клиенти. Бидејќи целата работа беше да дознам колку наши пишуваат блогови, аплицирав за работа во маркетинг агенцијата. Оттаму ми објаснија што би била мојата работа и ми испратија неколку линкови како примероци за да имам слика што се би пишувал. Разгледувајќи ги блоговите, најдов еден куп на млади Македонци коишто работат за оваа маркетинг агенција. Некои од нив го имаа завршено своето образование, а некои сѐ уште беа студенти.

Поентата од сето ова што го пишувам е дека има голем дел на млади коишто сакаат, од една страна да заработуваат, а од друга, да стекнуваат искуство. Факт е дека искуството е најважно, тоа можам и самиот да го потврдам.

Мојата порака до сите млади е да ги остават телефоните настрана и повеќе да се насочуваат кон себе развивање и унапредување, токму преку начинот кој го споделив погоре. Јас кога ја учев мојата работа (новинарството) подолго време работев без пари. Вие можете и да учите и да заработувате, треба само да имате интерес.

Предупредување: Ве замолувам да не ми пишувате во коментари да не ви кажувам што да правите, бидејќи не го правам тоа. Јас само ви давам совети. Ваше право е дали истите ќе ги примените или не. Тука не се мешам, а и не ни сакам.

Ви благодарам однапред.

Бобан Илијевски,

Колумнист и главен и одговорен уредник на порталот Работник.

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.