Над 1.600 луѓе годишно умираат од загаден воздух, а скопските топлани ќе користат дизел

Екстремното загадување на воздухот во Македонија резултира со повеќе од 1.600 прерани смртни случаи, истакнува неодамнешното истражување на Светска Банка. На европски план, пак, повеќе од 68.000 луѓе прерано умираат како резултат на загаден воздух, велат податоците на Европската агенција за заштита на животната средина. При објавувањето топ-листи со најзагадени градови во Европа, но и глобално, Скопје гарантирано се наоѓа меѓу најлошите десет, а неретко е и меѓу првите пет според воздух што е отровен за дишење, пишува порталот Денар.

Формирањето озон во атмосферата може да биде поттикнат од азотниот диоксид кога истиот ќе се спои со органски компоненти при изложување на сончева светлина. Голем дел од емисиите што резултираат со формирање озон потекнуваат од користењето дизел-гориво, истото што Владата најави дека во следните денови ќе се тестира на скопските топлани Исток и Запад, со цел потоа тие да произведуваат греење токму со овој енергенс.

Користењето дизел, без разлика дали како гориво за возила или за загревање, во воздухот го зголемува степенот на отровни ПМ-честички, но и на азотните оксиди. Изложувањето на азотен диоксид, на пример, на одвај 30 минути дневно може да предизвика респираторни компликации, во вид на воспаление на дишните патишта кај здравите индивидуи и значително влошување на симптомите кај луѓето со астма.

Како резултат на недостигот на дизел во САД, како и на тој што веќе извесно време го има Европа, може да се претпостави дека цените на дизелот ќе продолжат да се зголемуваат. Наивно е да се смета дека ваквата состојба ќе ја одмине Македонија, доколку државните институции дефинитивно се решат овој енергенс да го користат за да произведуваат топлинска енергија преку топланите Исток и Запад во Скопје.

Од друга страна, цените што моментно се актуелни на енергетскиот пазар потврдуваат дека гасот е убедливо најисплатливо решение за снабдување на скопските топлани со цел тие непречено да испорачуваат топлина на домовите. На еколошки план, пак, доколку се спореди со дизелот, природниот гас загадува незначително, што значи и дека животната средина и здравјето на граѓаните ќе бидат заштитени.

Загадувањето, очигледно, не може да ги коригира погрешните државни политики, а објаснувањето за тоа можеби е фактот што за топланите ќе се користи дизел од државните резерви. Потоа, според актуелните законски решенија, истите тие ќе мора задолжително да се надополнат, односно ќе се отвори простор за објавување тендери кои, доколку се следи досегашната практика, во најголем дел ќе ги добијат компании блиски до владеачката гарнитура, пишува порталот.