- Advertisement -
НовостиПравда

Наместо за рекламен материјал, ЕСМ донира три милиони денари за ковид центрите во Битола и Кичево

Наместо за рекламен материјал - Работник
130views

Управниот одбор на АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) одлучи годинава предвидените средства за набавка на новогодишен рекламен материјал во висина од 3 милиони денари да се пренасочат како помош за Клиничката болница во Битола и за Општата болница во Кичево.

„Во АД ЕСМ имавме предвидено 3 милиони денари (48.780 евра) за рекламен материјал и тие средства сега ќе бидат донирани за обезбедување централен довод на кислород во модуларните болници за ковид пациенти кои се градат во Битола и во Кичево. Во битолската болница ќе се насочат 2.400.000 денари, а во кичевската болница 600 илјади денари“, соопштија од ЕСМ.

„Проценивме дека во моментов здравството е тоа каде е најнеопходно да се помогне и апелирам до сите општествено одговорни компании да го направат истото, согласно можностите, затоа што сите ние во одреден момент имаме потреба од медицинска нега. А, особено сега, кога секој еден граѓанин е загрозен”, изјави директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, при потпишувањето на договорите за донација.

Директорката на Клиничката болница во Битола, Билјана Гагачовска, нагласи дека помошта претставува значаен поттик за сите државни и приватни компании за помош на здравството во овој период.

Директорот на Општата болница во Кичево, Станко Трпески, изјави дека помошта доаѓа во вистински момент, со оглед на тоа што модуларната болница во Кичево веќе се поставува и дека ова е првпат да имаат централен довод на кислород во рамките на болницата.

Извор: Мета.мк