КолумниНовости

Направија голем исчекор за работниците… да заминат во странство

   Време за читање 1 минута

Колумна на Бобан М. Илијевски 

Пополека но сигурно се ближат избори, а со тоа се засилуваат и кампањите на политичките партии, а богами и нивните методи преку кои се обидуваат да го добијат гласот од граѓаните. 

Мерки за пензионерите, работниците, учениците… Според експертите, тие имаат за цел да влијаат врз луѓето да го дадат својот глас за владејачката гарнитура. Сепак,  работите не се црно бели. Имено, морам да признаам дека мерката за субвенционирање на придонесите на компаниите кои на своите работници ќе им ги зголемат платите од 3,000 до 9,000 денари е навистина добра мерка. Ова го потврдуваат резултатите кои ги даде претходната која траеше од 2019 до 2022 година и која предвидуваше субвенции за оние компании кои ќе им ги зголемат платите на работниците од 600 до 6,000 денари. Истата, како што велат од бизнис секторот, ја искористиле 27,000 компании за 170,000 работници, што е една солидна бројка. 

Како и да е, една добра мерка не може да ги оправда другите потфрлувања на Владата. Во изминативе седум години освен што делумно политички се зголемуваше минималната плата, бизнис секторот не доживеа некој голем раст, бидејќи државата не вложуваше доволно во него. 

Од друга страна, работниците стануваа повеќе и повеќе незадоволни, па продолжуваа да се иселуваат. Доказ за тоа е што само минатата година над 50,000 македонски граѓани се иселиле во Германија.

Според мене, оваа Влада не направи нешто што би дало опипливи резултати за работниците, и покрај тоа што ја предводи една политичка партија која во идеологијата треба најголем акцент да стави на работничките права. 

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси