Наставнички пленум бара зголемување на платите на вработените во образованието

Наставничкиот пленум бара зголемување на платата на сите вработени во образованието за 20 отсто од јануари 2022 година, повикувајќи се на растот на цените на производите за секојдневни потреби и на растот на минималната плата во државава.

Во барањето кое го упатува до министерката за образование и наука Мила Царовска, Наставничкиот пленум посочува дека на анкетата што ја спровел, големо мнозинство од неговите членови се изјасниле дека се незадоволни од сегашните примања на вработените во образовните институции.

Вработените во образованието заслужуваат подобар животен стандард и повеќе средства за егзистенција и поради тоа бараме од Вас сериозно да пристапите кон нашето барање и да го реализирате, наведува Пленумот во барањето до Царовска.