Колумни

Нашиот „ништо нема да ми биде“ менталитет ќе ни се удри од глава

   Време за читање 5 минути

Автор: Бобан Илијевски

Гледам дека одредени млади луѓе не ги почитуваат ни малку мерките донесени од страна на Владата на нашата држава. Без никаква грижа повторно се собираат во групи и си муабетат како да е се во нормала. Полицијата по сто пати доаѓа да ги растера, тие ќе се разбегаат, па повторно се враќаат на старото место. Овој наш македонски „нема ништо да ми биде мене“ менаталитет ќе ни се удри од глава. Зарем овие млади луѓе не разбираат дека корона вирусот е лесно пренослив, зарем не чувстуваат ни трунка страв за тоа дека можат да го пренесат на своите родители, баби и дедовци, за кои овој вирус може да биде многу опасен. Не сакам да кревам паника, но мора да се зборува за ова. Мора да им се укаже на овие луѓе коишто најголемиот дел се млади дека треба да престанат да се собираат во големи групи. Оваа ситуација нема вечно да трае, ќе помине, а потоа ќе можат повторно да си тераат по свое. Бидете трпеливи, се бориме со невидлив непријател.

Не отежнувајте им ја работата на докторите. Не ги ставајте во ситуација да избираат кого ќе лечат, а кого ќе остават сам да се грижи за себе. Доколку не ги почитуваме мерките од страна на Владата кои сега се поригоризни поради тоа што Министерот за внатрешни работи најави дека ќе патролираат и припадници на Единицата за брзо распоредување – ЕБР, ќе завршиме како Италија. Погледнете ги нив и земете пример. Нивиот здравствен систем е во колапс. Немаат веќе каде да ги сместат заболените. Имаме можност да го запреме или барем да го одолговлечеме ширењето на Ковид – 19, додека не се пронајде соодветен медицински третман за да се излечи, но само со почитување на мерките коишто ги наложија надлжените за тоа. Тие не се туку – така воведени,  туку имало потреба да се преземат. Бројот на заболени порасна на 76, а претходно беа 48, што значи дека има 28 плус заболени од Корона вирусот. Мораме да покажеме свест и да не дозволиме бројките рапидно да се зголемат. Нашиот здравствен систем можеби може да издржи поголем број на пациенти со плус помош, но кој и да било здравствен систем во светот доколку се оптерети, може да доживее колапс.

Видов по медиумите дека и армијата ќе и помогнела на полицијата, што за мене е секако добра работа. Сметам дека треба да им се дадат одврзани раце на нашите безбедносни сили да со принуда ги враќаат луѓето во своите домови. Министерот за внатрешни работи рече дека секој којшто совесно ќе зарази други луѓе ќе биде осуден на три години затвор. Оваа мерка исто така е добра. Можеби доколку оваа ситуација трае повеќе, ќе имаме порестриктивни мерки. За тоа сепак треба да одлучат надлежените.

Тука исто така би сакал да напоменам дека сега не е ни време ни место, како прво, да има политички препирања, туку потребна е воздржаност и како второ да се прекине со ширењето на лажни вести кои го предизвикуваат нашиот најголем непријател во оваа „војна“ – паниката. Сите оние коишто во оваа ситуација се служат со сензационализми за да навлечат повеќе луѓе да кликаат по нивните постови треба да се стават зад решетки, бидејќи само одмагаат. Ќе рече сега некој многу си радикален, па ќе бидам радикален кога лажните вести не престануваат, а ни пак тие коишто ги шират немаат ни малку осет за тоа дека само предизвикуваат паника кај луѓето и ништо друго. Јас сум новинар по професија, но ширење лажни вести не поддржувам ни малку. Ширачите на лажни вести се брука за нашата професија и тие не можат да се наречат новинари. Новинар, во вистинска смисла на зборот е оној којшто се придржува до етичкиот кодекс, а останатите се само едни обични квази, но не и новинари.

На нас, граѓаните на оваа мала, преубава држава ни останува само да ги слушаме властите и да се водиме по мерките. Ќе го пребродиме ова. Можеби еден ден ќе им раскажуваме на нашите деца и внуци што сме преживаеле. Во оваа „војна“ не е потребно да се бориш физички, туку да седиш дома и со тоа да помогнеш на твојата држава. Само на овој начин можеме сите да бидеме вистински херои.

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги одразува официјалните ставови на Порталот Работник