- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовости

Најголем дел од апликантите на повикот на ФИТР се компании кои првпат конкурираат

Најголем дел од апликантите на повикот - Работник
246views

На повикот за грантови за технолошки развој што го објави Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), најголем дел се компании кои првпат конкурираат. Од вкупно пристигнатите 706 апликации, 540 се апликации од компании кои за првпат се јавуваат на повикот.

Ова, според директорот на ФИТР Коста Петров, покажува дека е постигната целта односно компаниите во Фондот гледаат партнер од доверба при реализацијата на новите можности и справувањето со предизвиците што ги носи пандемијата.

– Анализата покажува дека и во услови на глобална пандемија, компаниите се насочени кон иновативни технолошко-напредни решенија и се подготвени да инвестираме заеднички во нивниот развој. Горд сум што добивме рекордно доставени апликации во однос на било кој досегашен јавен повик кој се спроведувал во Фондот, истакна Петров на денешната прес-конференција.

Вкупниот износ на инвестицииите што е планиран за проектите што ќе бидат одобрени е 63 милиони 109 илјади евра од кои 36 милиони и 300 илјади евра е износот побаруван од ФИТР, а компаниите се подготвени да вложат 26 милиони и 700 илјади евра.

Од пристигнатите апликации, доминираат оние од микро компаниите (49 проценти) по што следуваат малите компании со 47 проценти и на крај се средните претпријатија со 37 проценти. Најголемиот дел или 62 проценти се компании со еден сопственик, а 27 проценти компании со двајца или повеќе сопственици.

Доминантно е учеството на компаниите од Скопје, но, значително е учеството и на фирми од Струмица, Тетово, Битола, Штип и останатите градови.

– Доминира Скопскиот регион, но на овој повик се забележува намалено учество на Скопскиот регион, во однос на останатите региони, односно е под 50 проценти. Позитивно е и тоа што се забележува дека сите региони имаат свој претставник, посочи Тања Илијевска од Секторот за стратешко планирање, анализа и програми за поддршка на приватен сектор во ФИТР.

Рекордно учество на овој повик има кај стартапите кои се застапени со околу 40 проценти од вкупниот број на примени апликации, а забележително е и учеството на компании кои во сопственичката или во управувачката структура имаат жени. Такви се 45 проценти од вкупно пристигнатите апликации на повикот.

Изборот на пристигнатите апликации ќе го прави Комитетот за одобрување на инвестиции во кој членуваат три нови членови – меѓународни претприемачи. Директорот на ФИТР се надева дека со едно вакво меѓунарно признато жири ќе се подигне квалитетот на избраните проекти и ќе се мотивираат поголем број на млади да инвестираат.