СветСветот на работникот

Нови правила во ЕУ за невработените, корисниците на семејни додатоци и туѓи неги: Што конкретно се менува ако го усвојат законот?

Одборот на Европскиот парламент за вработување и социјални прашања одобрил привремен договор со владите на ЕУ за ажурирани правила за координација на системот на социјална сигурност со 47 гласа за, 3 против и 4 воздржани.

Европскиот парламент и Советот на ЕУ мораат формално да ја усвојат привремената спогодба пред правилата да стапат на сила. Кога ќе се случи тоа, проценето е дека овој договор ќе воведе појасни критериуми за одредување на тоа кое законодавство за социјална сигурност се применува.

Исто така, ќе ја унапреди и соработката меѓу земјите членки, со цел побрза размена на информациите, што помага во откривање на грешки или измами, вклучувајќи ги и злоупотребите како „фиктивни фирми“ (letterbox companies).

Надоместоци за невработеност

Спогодбата појаснува како периодите на работа, самовработување или осигурување во различни држави членки се пресметуваат при остварувањето на правата за надомест за невработеност. Државата во која лицето последен пат работело или било осигурано ќе биде одговорна ако таму било активно најмалку еден непрекинат месец.

Лицата кои заминуваат во друга држава на ЕУ поради барање работа ќе имаат право на надомест за невработеност од државата од која заминале во текот на шест месеци. Овој период може да биде продолжен до истекот на нивното право на надомест.

За прекуграничните работници, законот прецизира која држава е одговорна за исплата на надоместоците. Ако работник бил вработен, самовработен и/или осигуран најмалку 22 непрекинати недели во една држава членка, таа држава ќе го исплатува надоместокот.

Семејни бенефиции

Ревидираните правила ги раздвојуваат семејните бенефиции во пари, кои го заменуваат приходот кога родителот ќе ја намали или прекине работата поради грижа за детето, од другите семејни бенефиции.

Тоа треба да поттикне порамномерна распределба на родителските обврски и да ги отстрани финансиските препреки за родителите кои го намалуваат работното време поради грижа за деца.

Долготрајна нега

Спогодбата појаснува како бенефициите за долготрајна нега се координираат ширум ЕУ, со што се зголемува правната сигурност за лицата на кои им е потребна негата и за нивните негуватели.

Се воведува нова дефиниција и листа на бенефиции кои се опфатени.

Работници упатени во друга држава на ЕУ

Работниците или самовработените кои се испратени во странство до 24 месеци остануваат осигурани во државата во која работодавачот е регистриран или каде инаку работат. За да се спречат измами, мораат да бидат осигурани најмалку 3 месеци пред испраќањето.

Се воведува задолжителна претходна пријава: кога работникот ги обавува активностите во друга држава на ЕУ, надлежните органи од кои доаѓа мораат да бидат однапред известени, освен за деловни патувања и кратки активности до 3 последователни дена во период од 30 дена. Градежниот сектор не е исклучен од ова правило.

Работа во две или повеќе држави

За работниците кои работат во повеќе држави членки, се даваат дополнителни насоки за одредување на „регистрираното седиште или местото на работење“ на работодавачот. Тоа помага во одредувањето на тоа кое законодавство се применува. Во предвид се земаат местото на носење клучни одлуки, каде се остварува промет и каде се одржуваат општи состаноци.

Договорено е, во согласност со пресудите на Судот на правдата на ЕУ, економските неактивни мобилни граѓани да мораат да имаат сеопфатно здравствено осигурување во државата на домаќинот.

Извор: EUpravo zato.rs