ЕкономијаСвет

Шест земји од ЕУ се заканија со блокада на новиот буџет

Германија, Холандија, Шведска, Данска, Австрија и Финска се заканија дека ќе го блокираат предлогот за новиот седумгодишен буџет на Европската Унија за периодот од 2028 до 2034 година, доколку расходите не се намалат за „стотици милијарди“ евра, објави „Фајненшл тајмс“ (FT).

Според предлогот на Европската комисија, буџетот би можел да достигне речиси 2.000 милијарди евра, но шесте земји сметаат дека е потребна „фундаментална реформа“ на начинот на кој се распределуваат средствата.

„Ако буџетските расходи не се намалат за стотици милијарди, оваа година нема да има договор за тоа“, изјавил дипломат од една од шесте земји, според FT.

Поголеми вложувања во одбраната и иновациите

Шесте земји сметаат дека дел од средствата треба да се пренасочат кон одбраната и поддршката на иновативните компании, додека финансирањето за земјоделството и помалку развиените региони треба да се намали.

На земјоделството и регионалниот развој традиционално отпаѓа околу две третини од вкупните расходи во буџетот на ЕУ.

Според „Фајненшл тајмс“, позицијата на шесте земји го одразува поширокото несогласување меѓу членките на Унијата околу новите приоритети за трошење, особено во однос на финансирањето на одбраната и индустриите кои се соочуваат со конкуренција од Кина и САД.

Шесте земји обезбедуваат околу 40 отсто од приходите

Германија, Холандија, Шведска, Данска, Австрија и Финска заедно придонесуваат со околу 40 отсто од приходите во буџетот на ЕУ.

Ирска, која моментално претседава со Европската Унија, до средината на октомври треба да подготви компромисен предлог со кој би се обидела да ги усогласи барањата на најголемите нето-придонесувачи со ставовите на мнозинството земји членки.

Дел од членките инсистираат на задржување на субвенциите за земјоделството и средствата за регионален развој.

За усвојување на новиот буџет е потребна едногласна согласност од сите 27 земји членки на Европската Унија, што значи дека несогласувањето на само една земја може да го блокира договорот.

Извор: b92.net