Овие професии ќе бидат најбарани до 2035 година
Пазарот на трудот се менува побрзо отколку што им се чини на многумина вработени, а најновите проекции покажуваат дека во следната деценија особено би можела да порасне побарувачката за стручњаци од областа на технологијата, здравството, финансиите и управувањето.
Американското Биро за статистика на трудот (BLS) објави проекции за движењето на вработеноста до 2035 година, а Business Insider ги спореди овие податоци со заработувачките за да издвои 20 занимања кои истовремено нудат добри приходи и потенцијал за значителен раст на бројот на вработени. Во предвид беа земени работни места со медијална годишна заработка од најмалку 75.000 долари.
Иако податоците се однесуваат на американскиот пазар на труд, трендовите се интересни и за пошироката јавност, особено кога станува збор за тоа кои вештини ќе бидат барани во годините што доаѓаат.
Технологија, податоци и вештачка интелигенција
Не е изненадување што на листата се наоѓаат занимања поврзани со податоци, вештачка интелигенција (ВИ) и сајбер-безбедност.
- Дата научници (Data Scientists): Бројот на вработени на оваа позиција во САД треба да порасне за околу 35% помеѓу 2025 и 2035 година.
- Стручњаци за информациска безбедност: Се предвидува раст од околу 21%. Побарувачката е поттикната од се поголемото количество податоци што компаниите ги собираат и обработуваат, но и од потребата за развој на ВИ системи и заштита на бизнисот од сајбер-напади.
- Компјутерски и информациски истражувачи: Овие стручњаци работат на развој на нови технологии и ВИ решенија. За нив се предвидува раст на вработеноста од 22%, со медијална годишна заработка од 140.300 долари.
Здравството има сè поголема потреба од работници
Еден од најјасните трендови се однесува на здравствениот сектор:
- Медицински сестри со напредни овластувања (Nurse Practitioners): Се очекува растот на нивната вработеност да достигне дури 41% до 2035 година, со медијална годишна заработка од 132.300 долари.
- Лекарски асистенти и менаџери на здравствени услуги: За менаџерските позиции во здравството се предвидува раст од 24% и медијална годишна заработка од 123.860 долари.
Главните причини за овој раст се стареењето на населението и зголемената потреба од здравствени и социјални услуги. Здравството и социјалната заштита се очекува да бидат меѓу секторите со најголем раст на вработеноста во наредната деценија.
Финансии, деловно одлучување и енергетика
На листата се наоѓаат и професии од бизнис секторот. За сметководителите, ревизорите, финансиските стручњаци и аналитичари се очекува голем број нови работни места. Тоа покажува дека иднината не им припаѓа исклучиво на техничките професии, туку и на луѓето кои умеат аналитичките податоци да ги претворат во конкретни деловни одлуки.
Промени има и во енергетскиот сектор:
- Инсталатери на соларни фотонапонски системи: Предвиден е проценттуален раст од 37%.
- Сервисери на ветерни турбини: Се предвидува раст од 30%.
Иако овие две професии имаат голем проценттуален раст, поради релативно малата почетна база, вкупниот број на нови работни места ќе биде помал во споредба со здравството или технологијата.
Што значи ова за изборот на кариера?
Главната порака од овие проекции е дека добро платената работа и работата на иднината не се две различни работи. Покрај техничките вештини и работата со податоци, сè поважни стануваат и луѓето кои решаваат комплексни проблеми, управуваат со системи и работат во области каде што човечката експертиза е тешко заменлива.
Од друга страна, автоматизацијата и вештачката интелигенција ќе придонесат за пад на вработеноста во дел од административните и канцелариските занимања. Затоа, клучната дилема за иднината на кариерата веќе не е само „која работа е најплатена“, туку кои вештини ќе задржат висока побарувачка.
Извор: b92.net

