ЕкономијаМакедонија

46 милиони евра за шест македонски хидроцентрали: што ќе се смени во производството на струја?

Вруток, Врбен, Равен, Тиквеш, Шпилје и Глобочица ќе добијат нова опрема, а ЕСМ очекува дополнителни 13,5 мегавати инсталиран капацитет и 50 гигават-часови ново годишно производство.

Шест големи хидроцентрали во Северна Македонија ќе се модернизираат со инвестиција од 46 милиони евра. Проектот треба да го продолжи нивниот работен век, да ги намали прекините во производството и да донесе дополнителна електрична енергија од обновливи извори. Хидроелектраните Вруток, Врбен, Равен, Тиквеш, Шпилје и Глобочица се дел од хидроенергетските системи „Маврово“, „Црн Дрим“ и „Тиквеш“.

Од вкупната инвестиција, 35 милиони евра се обезбедени како заем од германската развојна банка КфВ, додека 10,7 милиони евра се неповратни средства од Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.

Главниот дел од проектот е замена на застарената опрема. Очекувањето е со тоа да се намалат прекините во работата на хидроцентралите, да се продолжи нивниот работен век и да се зголеми оперативната безбедност. Според АД ЕСМ, модернизацијата треба да донесе дополнителни 13,5 мегавати инсталиран капацитет и ново годишно производство од околу 50 гигават-часови електрична енергија.

„Придобивките од модернизацијата се директни и мерливи – го продолжуваме работниот век и го зголемуваме инсталираниот капацитет кај големите хидроелектрани за дополнителни 13,5 мегавати, со што обезбедуваме ново годишно производство од 50 гигават-часови чиста електрична енергија“, изјави Лазо Узунчев, претседател на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕСМ.

Од ЕСМ очекуваат зголеменото производство и поголемиот обем на системски балансни услуги да донесат најмалку 5 милиони евра дополнителни годишни приходи.

Амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, оцени дека земјата има значителен хидропотенцијал, но дека за негово подобро искористување е потребна модернизација на постојните постројки.

„ЕУ придонесе за ревитализација на шест хидроелектрани со грант во износ од 11,2 милиони евра. Преку Планот за раст ќе продолжиме со финансиска и советодавна поддршка за енергетскиот сектор во земјата“, изјави Рокас.

Модернизацијата на шесте хидроцентрали, освен што треба да ја зголеми нивната сигурност и производството, е дел од поширокото настојување на земјата поголем дел од електроенергетските потреби да ги покрива со домашни обновливи извори.