На владина седница извештајот за бојкотот на маркетите
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и Министерството за економија и труд денеска на седница на Владата треба да поднесат извештај во врска со бојкотот на маркетите поради високите цени на прехранбените производи од што ќе зависи дали ќе се преземат понатамошни мерки за контрола на цените.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува производителите, дистрибутерите и трговците преку дијалог да го надминат проблемот.
-ДПИ заедно со Министерството за економија и труд ќе излезат во јавноста со одредени параметри. Ако тоа не се почитува од страна на системот, а тој започнува од производители, дистрибутери и синџири на маркети тогаш како Влада ќе треба да преземеме поинаков тип на дефанзивни мерки за да го контролираме тоа, таму каде што е потребно. Оваа акција ќе биде проширена бидејќи не само супермаркетите или хипермаркетите, предмет на анализа ќе бидат и други економски оператори како аптеки, продавници за бела техника. Не може некои производи во соседните земји да бидат два – три пати поевтини отколку кај нас, а се работи за ист производ од ист производител и со иста царинска стапка – изјави Мицкоски.
Премиерот тогаш не ја исклучи можноста да се донесат мерки во однос на цените на производите на денешната владина седница, на која ќе реферира министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, а ќе бидат поканети и други надлежни институции.
Според најавите, до крајот на минатата недела требаше да завршат и шестмесечните контроли на ДПИ со кои се опфатени дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците по што Инспекторатот треба да излезе во јавноста со податоци.
-Течат контролите на дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците. Надзор се врши врз целокупниот процес, се контролира и колкава е маржата ставена од трговците за период од шест месеци, дали таму е чепкано и врз основа на тој извештај од Инспекторатот, како Влада ќе преземеме соодветни мерки – истакна во четвртокот министерот за економија Дурмиши.
Според него, легитимно е да има бојкот на маркетите бидејќи одредени компании генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните.
Од Сојузот на стопански комори, пак, велат дека супермаркетите работат со минимални маржи и дека ценовната моќ е кај добавувачите и производителите. Повикувајќи се на резултатите од направена анализа, од ССК посочуваат дека супермаркетите работат со просечна профитна маржа од 0,83 отсто, а производителите и дистрибутерите во просек остваруваат 4,32 отсто.
-Некои добавувачи имаат профитни маржи над 13 отсто, додека супермаркетите остануваат под 3 отсто. Супермаркетите не се одговорни за зголемувањето на цените, а главната ценовна моќ е во рацете на добавувачите и производителите, кои уживаат значително повисоки профити, додека супермаркетите работат со минимални маржи – наведуваат од Сојузот на стопански комори.
Анализата, како што посочуваат од Комората, покажала екстреми во профитните маржи. Некои производители имаат профитни маржи кои се далеку над оние на супермаркетите.
-Супермаркетите се соочуваат со најголема јавна критика за цените, иако заработуваат значително помалку по производ од добавувачите. На листата на 15 најголеми добавувачи се покажува дека овие компании генерираат големи профити, но вработуваат многу малку луѓе. Тие сочинуваат 11,8 отсто од вкупниот приход на производителите, но 21,3 отсто од нивниот вкупен профит – велат од Комората.
По примерот на Хрватска потрошувачите во земјава веќе два петоци по ред ги бојкотираат осумте големи синџири на маркети поради високите цени на производите. Ако во првиот петок од бојкотот маркетите имаа намален промет за 46,59 отсто во споредба со вообичаен петок, минатиот петок прометот им беше намален само за 22,12 отсто.
- Неделков: Некои работи не се забораваат така брзо и лесно! - 17/04/2025
- ЛЕГЕНДАТА НА ГЕРМАНСКАТА АВТОИНДУСТРИЈА ОДИ ВО БАНКРОТ: Ги затвараат сите филијали по 92 години работа - 17/04/2025
- КРИМИНАЛНА ШЕМА ВО ХРВАТСКА: Над 100 странци вработени со фалсификувани документи, меѓу нив и Македонци - 17/04/2025