НЕДОСТИГА БРОЈНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА ИСПЛАТЕНИ СРЕДСТВА ОД АВРМ – ревизорите со забелешки за работењето на Агенцијата
Некомплента документација за исплатата на средства за невработените лица на кои им следува надомест. Несразмерна распределба на средствата за планските региони, проблеми во документацијата и со извршените ИТ обуки, распределени лаптопи по вработени без документација и без да се знае каде тие завршиле или кој ги користи.
Ова се само мал дел од забелешките кои Државниот завод за ревизија ги утврдил во однос на работењето на Агенцијата за вработување во Македонија.
– Во материјалната евиденција на постојаните средства на АВРСМ евидентирани се вкупно 50 лаптоп компјутери во вкупна вредност од 4.213 илјади денари. Во фазата на извршување на ревизијата одговорните служби во АВРСМ не беа во можност да ни ги презентираат издадените реверси за лицата кои се задолжени со оваа опрема, а истите се доставени во фазата на известување. Од увид во презентираните реверси утврдивме дека се задолжени 7 лица со оваа опрема додека останатите се издадени на име на ЦС поради што не може да се потврди кои лица се задолжени со истите – пишува во извештајот на ДЗР.
Понатаму ревизорите укажуваат дека поради големото учество на паричните надоместоци по основ на невработеност во вкупните расходи во АВРСМ извршиле проверка на законитоста на функционирањето на постапката за остварување на право на паричен надоместок на избран примерок на предмети за 2023 година во делот на обезбедување на комплетност на документацијата.
– Кај дел од предметите утврдивме отсуство на поткрепувачка документација. Причина за ова е неажурност кај дел од центрите во комплетирање на досиејата што е утврдено и во спроведените ревизии од минати години – се напоменува во извештајот.
Ревизорите укажуваат дека отсуствуваат и докази за реализацијата на трошоците за адвокатските услуги.
– Утврдивме дека дел од фактурите не содржат податок за ставката од адвокатската тарифа по која е извршено фактурирањето, за кои е извршена исплата по фактури8 , без постоење на соодветна поткрепувачка документација, (тужба, жалба, записник од судско рочиште или друга документација во врска со предметот на услугата) кои согласно склучените договори со адвокатите претставуваат услов за плаќање на фактурата. Исто така извршено е и фактурирање на поднесоци во кој има повеќе учесници, за чија изработка наградата се зголемува по 50 отсто за секое наредно лице, иако во најголем дел од случаите станува збор за правно лице и неговиот управител односно за едно исто лице, што не е во согласност со член 8 точка 15 од Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите – нагласуваат ревизорите.
Воедно од ДЗР укажуваат дека утврдиле бројни слабостите во спроведувањето на мерките за вработување во 2023 година.
Во ревизорскиот извештај наведено е дека за исплата на средства за паричен надоместок во случај на невработеност во 2023 година исплатени се средства во вкупен износ од 1.305.639 илјади денари односно 21 милион евра и дека се бележи тренд на намалување во однос на 2022 година, односно исплатени се помалку 102.071 илјада денари.
– Кај исплатата на расходите по тој основ утврдено е дека кај дел од предметите кои биле опфатени со ревизијата, документацијата била некомплетна, односно се забележува отсуство на дел од бараната докуемтнација што се должи на неажурност во работењето кај дел од центрите за вработување, а дел од документацијата се обезбедува или се изготвува по истекот на законски утврдениот рок што се должи на не воспоставена електронска размена на податоци и поврзаност на евиденциите помеѓу Агенцијата и Фондот за ПИО, се наведува во извештајот.
Најголем дел од средствата за активни програми и мерки за вработување се исплаќале за мерката поддршка и самовработување (претприемништво).
Во однос на мерката „Обука за стекнување на вештини од областа на напредни ИТ вештини“ ревизорите утврдиле дека се исплатени 1,4 милиони евра што во однос на 2022 година претставува зголемување за 54 проценти, но бројот на кандидати кои успешно ја завршиле обуката изнесувал само 22 проценти.
– Ревизорите утврдиле дека бројот на кандидати кои успешно го положиле предвидениот испит по завршувањето на обуката е мал и заклучно со септември 2024 година изнесува 22 отсто. Имајќи предвид дека за оваа активност се користат значителен износ на средства, утврдената состојба упатува дека мерката не го постигнала својот целосен ефект, бидејќи поголемиот дел од кандидатите не ја реализирале обуката успешно и не го завршиле испитот, наведуваат ревизорите.
Исто така согласно колективниот договор на Агенцијата за вработување биле предвидени бодови за директорот и заменик на директорот, што е спротивно на одредбите на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност. До денот на ревизијата, како што е наведено во извештајот, исплатата на платата на директорот и заменик директорот била вршена без склучени менаџерски договори што влијаело на начинот на раководење и пресметка на платите.
- СПМ: Испратени барања до МВР и Одделот за правни работи за преиспитување на повлекување на измените од Законот за Полиција - 19/04/2025
- Неделков: Вработените во културата испоснички го дочекуваат Христовото воскресение - 19/04/2025
- Вработените во културата во Република Македонија останаа со едно големо ништо за најголемиот христијански празник „Велигден“. - 18/04/2025