ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Дискриминацијата на македонските превозници е причината за малите плати во секорот, вели Муратовска

Бобан Илијевски

Насекаде во светот недостигаат возачи на камиони. Бројни странски медиуми постојано пишуваат за тоа дека државите од Западна Европа имаат хроничен недостиг на возачи, меѓу кои најмногу во Велика Британија и Германија. 

Со оглед на тоа дека државите од Европа немаат доволен број на возачи, тие надежта ја гледаат во оние од балканските земји, меѓу кои е и Македонија. 

„Засега недостигаат 10 % на возачи во Македонија“

Во однос на недостигот на возачи во Македонија, Генералниот секретар на МАКАМ – ТРАНС Биљана Муратовска во изјава за порталот Работник вели дека во Министерството за транспорт и врски имало податоци за регистрирани влечни возила за превоз на стока од цирка 14500 со различен еуро стандард.

Сознанијата на МАКАМ – ТРАНС се дека засега недостигаат 10 % на возачи, што предизвикува дел од возилата да се нефункционални од една страна, а од друга страна, да се повеќе сопственици и членови на нивните семејства се ангажираат во улога на возачи, за да не дозволат нивните возила да бидат нефункционални.

Фото: Pixbay

Потребни се субвенции за оспособување на луѓе од руралните средни или преквалификација на невработени лица

Како Асоцијација, тие уште во 2015 година, но и по промената на власта во 2017 година, доставиле барање да се преземат соодветни мерки со субвенционирани обуки за да се оспособат лица од руралните средини на државата или да се преквалификуваат невработени лица, за да се заинтересираат за професијата. Побарале и да се врати насоката возач во средните стручни училишта, но не добиле ништо освен ветувања.

„Не се направи никаков напор да се спроведат било какви активности на ова поле. Во овој период, превозниците се среќаваат со големи потешкотии да ги задржат вработените возачи, да обучуваат и инвестираат во млади лица кои би сакале да работат, но за жал голем дел од нив после три или шест месеци пракса одат во странство за остварување на повисок износ на надоместок за својата работа. Од 2009 година па навака бараме државата да спроведе посебни стимулативни мерки за превозниците по примерот на државите од ЕУ со цел да се надминат сите проблеми, од една страна, а од друга страна да имаме почиста животна средина со возила кои ги исполнуваат бараните европски стандарди од ЕУ и нема да се меѓусебна конкуренција“, рече Муратовска.

1,500 лица се уште чекаат да ги обноват лиценците

Дополнително, уште еден проблем кои им стои на патот на превозниците е што државата по затворањето на Државниот испитен центар (случајот Рашкоски), речиси осум месеци нема одбрано нов државен испитен центар, при што над 1,500 лица чекаат, со цел да можат да ги обноват своите сертификати или да добијат за првпат сертификати за професионална компетентност, превоз на опасна стока или за советник за безбедност. Овие документи кои според закон, се бараат во државата за обновување на лиценци за вршење на дејност, но се потребни и за да можат возилата да се движат низ сите држави во Европа.

Олеснување на процедурите за добивање на работна виза за странци кои би сакале да се вработат во транспортните компании

Проблемот со професионални возачи е многу сериозен и е потребно да се донесе долгорочна национална стратегија за надминување на овој проблем, стратегија која би се однесувала на стручното образование, но и на делот за олеснување на процедури за добивање на работна виза за странци кои би сакале да се вработат во нашите превозни трговски друштва, истакна Муратовска.

„Со националната стратегија би требало да се овозможи планско работење и насочување на младите лица да се образуваат за оваа професија или да се овозможува и преквалификација на невработени лица со покривање на дел од средствата, воспоставување на заштитни законски рамки за да нема одлив во странство на сите оние лица кои биле субвенционирани, со можност за исплата на стипендии на младите кои ќе се одлучат да се запишат на насоката „возач“, со што ќе се овозможи да имаме стручни млади лица кои ќе имаат широко познавање од оваа област, механика, влијание на животната средина, комуникација со странки, а не само да умеат да управуваат со возилата“, заклучи Муратовска.

Фото: Freepik

Над 2 милиони возачи во Европа до 2025 година се очекува да заминат во пензија

Недостигот на професионални возачи е акутен проблем којшто е присутен низ цела Европа, вели Муратовска.

Според неа, недостигот на возачи се должи на фактот што не постојат мерки и стратегии во европските држави за стимулирање на младите лица да пројават интерес за оваа професија и со тоа да бидат природна замена за возачите кои заминуваат во пензија.

Започнувајќи од 2015, па до 2025 година, во пензија ќе заминат над 2 милиони професионални возачи на ниво на Европа. Муратовска е категорична – оваа појава се пресликува и во Македонија.

Земјите од ЕУ масовно ги „привлекуваат“ нашите возачи

Од 2015 година, сведоци сме на промена на политиките на одредени држави, како Германија, Белгија, Чешка и др., кои носат измени на политиките за полесно издавање на работни визни за лица кои се од земји кои не се членки на ЕУ, односно таргет се земјите од Балканот каде масовно има одлив на возачи во последните неколку години, вели Муратовска.

Македонија не е имуна на оваа појава, објаснува Муратовска: „За жал многу лица се вработени во некоја држава од ЕУ со цел да обезбедат поголем надомест на плата, со оглед на фактот дека нашите превозници се дискриминирани на многу нивоа во сите држави, а за да успеат да бидат конкурентни прифаќаат и пониски цени за превоз, што автоматски се одразува и на надоместокот на возачите, но и за делот кој би требало да го добие сопственикот на трговското друштво, за која цел е и формирано и е инвестирано во товарни моторни возила“.

Новите олеснувања кои ги предвидуваат Германија и Англија за вработување на возачи, заедно со големите бенефиции кои ги даваат овие држави ќе значат уште поголемо продлабочување на проблемот со кој македонските превозници се соочуваат подолг период.

„Активностите на овие две држави укажуваат и покажуваат на важноста од превозот во патниот сообраќај и дистрибуцијата на разни репроматеријали, нафта и нафтени деривати како и стока за широка потрошувачка за широките народни маси. И покрај барањето на алтернативни превози како што се бродот и возот, сепак најголема мобилност се постигнува со товарните возила кои стоките ги носат до крајните дестинации и без нив ни превозите направени со алтернативните превозни средства не можат да завршат“, децидна е Муратовска.

Фото: Unsplash

Македонските транспортни компании се соочуваат со пречки кои не им овозможуваат поголема конкурентност

Според Муратовска, најголема пречка на македонските трговски друштва за воспоставување на понормални конкурентски услови на меѓународниот транспортен пазар и остварување поголеми приходи пред се се‘ високите транспортни трошоци кои ги имаат, поради несоодветни законски решенија. Тие пак, директно се одразуваат на цената на трудот на возачот како основен двигател на возилата со кои се врши превоз.

Муратовска ги издвои и конкретните пречки, меѓу кои се:

  • неможност од секоја држава во ЕУ да има поврат на ДДВ;
  • немање основ за поврат на дел од акцизата во државата, а тоа аналогно се одразува и на можноста во реципроцитет да се бара поврат на акциза и од други држави;
  • непотпишување на спогодба со Германија за да не се наплатува надомест за т.н штаер карти од 2011 па се до денес и многу други законски решенија кои треба да се усогласени со законодавството на ЕУ, за да се воспостави поголема конкурентна способност на превозниците во меѓународниот превоз.

Нелојалната конкуренција создава дополнителни проблеми

Во Македонија постои и проблем со нелојалната конкуренција меѓу самите превозници регистрирани во државата, па поради тоа дел од состојбата со недостигот на возачи е и преголемиот број на возила кои се користат за комерцијални цели.

Постои можност да се заменат тие т.н. „црни возила“ во Македонија кои изнесуваат 47 % од вкупниот број на регистрирани возила во базата на превозници. Ова, појаснува Муратовска, би можело да се направи преку директна помош и поддршка од државата со давање на субвенции, обезбедување на поволни кредитни линии, со што би се влијаело на намалувањето на бројот на активни возила кои засега се употребуваат во државата, иако по глава на жител имаме најголема флота на товарни моторни возила.