- Advertisement -
КолумниНовости

Некои работници работат и по седум дена во неделата – немаат време за себе ниту за семејството

Продуктивноста на работниците - Работник
1.9Kviews

Владата одамна најави дека Недела ќе биде неработен ден, но со тоа започнаа да се појавуваат полемики од Министрите, коморите итн. Досега неработните денови се договарале со самиот договор за вработување помеѓу работникот и работодавачот, но во многу случаи, за жал, истите не се почитувале целосно. Се разбира има и исклучоци, односно работодавачи коишто ги исполнуваат договорите.

 Голем број од работниците се принудени да работат седум дена во неделата и тоа најмногу во малите и микро компании во приватниот сектор. Имате работници коишто имаат еден неработен ден секоја втора Недела. И за ова можам да ви дадам мој пример. Во сендвичарата каде што работев секоја втора Недела ми беше слободна. Тоа е премалку време за одмор. Ги разбирам сите оние коишто се бунат и сакаат да одморат повеќе, бидејќи на ваков начин, се нема време за ништо. Имате и такви газди коишто, еве на пример сте прва смена и истата ви завршува во четири, да останете до шест часот, а вие не можете да го одбиете, бидејќи можеби од тоа ви зависи работното место. Има и случаи каде што ова се случува речиси секој ден. На работниците им треба ден за одмор, за да можат да посветат време на семејството и на крајот на краевите, на себе си. Ова некои од газдите не го разбираат, од очигледна причина, што на нив им е важен само профитот, а не дали работникот има семејство. Да не бидам погрешно разбран има работодавачи кои јас лично ги ценам и почитувам и знам дека тие мислат не само на профитот, туку и на работникот. Дури имаше и такви работодавачи коишто се подготвени и дупла дневница да платат за работа во Недела, доколку сака работникот да работи тој ден. Од друга страна, постојат дејности кои мораат да функционираат постојано, како што се здравствената, пожарникарската и полициската дејност. Тие се неопходни за да може да функционира државниот апарат и за тоа немам контрааргумент.

Министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека угостителството и туризмот, како и трговијата на мало треба да работат во Недела. Тоа го посочија и од Независната Угостителска комора. Министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска пак, истакна дека само виталните, односно оние дејности без кои не може да функционира системот треба да работат во недела. Имаме плурализам на мислења, што во една демократија е добро, но од друга страна, работниците се оставени во неизвесност и сеуште не знаат дали ќе биде или нема да биде. Некои пак и покрај тоа што ќе има законско решение, не веруваат дека ќе се применува во пракса.

Потребна е поголема ангажираност околу оваа проблематика, со цел да им се овозможи на работниците да имаат време за себе и своето семејство. Ова ќе има позитивен ефект врз нив, бидејќи ќе бидат повеќе продуктивни и со поголем труд ќе ги сработуваат работните задачи.

Бобан Илијевски

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги изразува официјалните ставови на порталот Работник