Матија немал среќа во Хрватска – заминал, купил старо комбе и од 1.000 евра изградил две моќни компании
Додека повеќето луѓе гледаат на отказот како на голем животен неуспех, Хрватот Матија Цесарец од сопствените деловни падови извлекол лекција која му донела милионски бизнис.
По низа работни искуства во Хрватска, Италија и Ирска, каде што често менувал работни позиции и добивал откази поради, како што самиот вели, „силен карактер“ и желба за подобра организација, Матија сфатил дека единствената опција му е – да стане свој газда.
Почеток со старо комбе и кредит од 1.000 евра
Матија пристигнал во Ирска без познавање на англиски јазик, без финансиска сигурност и без контакти.
Пресвртниот момент се случил во 2019 година, кога повеќе не можел да најде работа во индустријата за рекламни инсталации, која најдобро ја познавал.
По неколку месеци невработеност, неговата тогашна девојка, а денешна сопруга, подигнала кредит од само 1.000 евра за да му помогне да започне одново.
Со тие средства Матија купил старо комбе, ги пронашол првите два клиенти и самостојно започнал со поставување реклами и графики, пишува „Блиц“.
Денес тој овој момент го смета за најважната пресвртница во својот живот.
Од „сам свој мајстор“ до две компании
Она што започнало како борба за егзистенција, брзо прераснало во сериозен бизнис.
Неговата прва компанија, „Connect Install“, денес вработува десетици луѓе и е лидер во инсталација на реклами, сигнализација и комерцијални решенија.
Но Матија не застанал тука.
Подоцна ја основал и компанијата „Focus Branding“, специјализирана за уредување деловни простори, акустични решенија и тапети, а веќе подготвува и трет голем бизнис-проект.
Клиенти од соништата: Microsoft, Google, Amazon
Колку се развил неговиот бизнис во Ирска најдобро покажува списокот на клиенти.
Неговите компании со текот на годините работеле на проекти за некои од најголемите светски корпорации, меѓу кои Microsoft, Google, Amazon, LinkedIn, Lidl, Aldi и Tesco.
Иако на почетокот работел како подизведувач и партнер на други агенции, денес сè почесто соработува директно со овие глобални клиенти.
Тајната на успехот: директор кој сè уште облекува работна униформа
Матија нагласува дека неговиот успех не се темели само на финансиски резултати, туку пред сè на луѓето.
Во своите компании вработува работници од Хрватска, Шпанија и Полска и истакнува дека тие не се луѓе кои работат „за него“, туку „со него“.
И покрај тоа што денес води вистинска мала бизнис-империја, тој и понатаму редовно излегува на терен, облекува работна униформа и учествува во секојдневните задачи заедно со своите вработени.
Така, вели тој, докажува дека ниту една работа не е под неговото достоинство.
Извор: Bizportal.rs

