На Детската клиника снемува кадар: Прва жртва – одделот за имунологија
Има недостиг на медицински сестри, но пациенти не се враќаат, вели денеска на новинарско прашање, директорот на Детската клиника во Скопје, Реџеп Мемеди.
Одговарајќи на новинарски прашања, тој рече дека сите оддели имаат огромна фреквенција на пациенти од целата држава.
„Бидејќи не можевме со главната сестра никако да организираме сменска работа, организација на распоред за дежурства, бевме приморани привремено да направиме фузија на двата оддела, за да можеме да имаме на располагање сестри кои ќе покриваат дежурства. Се работи за Имунологија и Пулмологија А. Одделот не е укинат, тоа е привремено решение за да го пребродиме овој период кога немаме доволен број на кадар“, појасни тој.
Сепак и покрај намалениот број на капацитет за прием на дечиња, тој подвлече дека не враќаат ниту еден пациент.
„Ќе најдеме место, ги згрижуваме, ги третираме. Меѓутоа, бидејќи има недостаток на сестри, па двата оддела ги спојуваме за да имаме одреден фонд на луѓе, кои ќе можеме да ги организираме за дежурства“, појасни Мемеди.

