МакедонијаСветот на работникот

Проблемот со недостигот на кадар ќе се реши самиот од себе, вели Блажевски

Од јануари до јули 2026 година 9.492 дозволи за работа и престој добиле македонски граѓани за работа во Хрватска. За цела 2025 година бројката изнесувала 11.856. Тоа значи дека за само седум месеци во 2026 година е достигнат 80 % од бројот од цела 2025.

Ова покажува дека бројот на работници кои заминуваат на сезонска работа од година во година се зголемува. А ако ги земеме и сезонските работници што заминуваат во Црна Гора, на Малта итн, сигурно би дошле до поголема бројка.

На Македонија сѐ повеќе и недостигаат работници во угостителството и туризмот. Тоа го потврдува и првиот човек на ХОТАМ, Крсте Блажевски.

„Десет – петнаесет години наназад кадарот никогаш не е комплетен. Никогаш немаме доволно кадар. Знаеме дека во оваа гранка младите не се запишуваат по тие школи. Школите се со многу малку ученици и студенти. Не излегува нов кадар, така што со стариот кадар и со некои кратки курсеви ги тренираме новите вработени“, вели Блажевски.

Тој истакна дека едни од побараните професии се келнер и готвач. Платите се сигурно над 600 евра, а стигнуваат и до 2.000, во зависност од искуството и способностите.

На прашањето дали бројот на работници кои заминуваат надвор се зголемува или намалува, Блажевски посочи дека миграцијата не е ништо ново.

„Не дека сега заминаа, па останавме без работници. Миграцијата постоела од секогаш и ќе постои. Добро е што ги отворивме вратите и за странски работници. Зборуваме за Индија, Непал, Бангладеш и некои други држави, каде парите што би ги земале тука вредат повеќе кај нив. Некои работни места се исполнуваат со такви работници, затоа што оваа индустрија има од чистачи до шефови на кујни. Има доста работни места кои може да се пополнат со странски работници. Малку пречка е јазичната бариера, но и тоа за брзо време се средува“, вели Блажевски.

Според него, има многу домашни работници што заминале, но и многу што се вратиле назад. „Ќе научи таму, па кога ќе се врати во Македонија ќе зема повеќе со тоа што го научил. Не е само јас сум готвач, дајте ми 2.000 евра плата. Тоа не постои“, вели Блажевски.

На тоа како да ги задржиме нашите работници тука, Блажевски рече дека се пробуваат повеќе начини. Од добивање на стипендии во средните и високите школи и добивање на основни плати од објекти кои сакаат да ги стипендираат.

„Но тоа не е многу и не е доволно за да се реши проблемот. Мислам дека проблемот ќе се реши сам од себе. Како што ќе растат платите, така луѓе од други смерови ќе се префрлат и ќе ги завршат тие курсеви и ќе влезат во оваа индустрија“, вели Блажевски.

Овој проблем не е присутен во Македонија, туку на целиот Балкан, посочи Блажевски. Тој вели дека и Хрватите одат во други земји за повисоки плати.

Го прашавме и за парадоксот со кој се соочуваме на македонскиот пазар на труд, односно за тоа дека се бараат работници, а има голем број на невработени.

Според Блажевски, тука проблем има Агенцијата за вработување, не приватниците. „Ние имаме отворени повици за работа, но не се јавуваат. Ако не се јавуваат, тоа значи дека има поголем дел таму кои го злоупотребуваат системот и чекаат било какви приходи.“

Посочи дека често пати се случува да дојде некој и да рече дека сака да работи, но не сака да биде пријавен. Блажевски децидно вели дека на таков начин не дозволува да работат. За разлика од големите хотели, постојат помали објекти кои го дозволуваат тоа.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk