Колумни

КОЈ ЌЕ МУ КАЖЕ НА ЦАРОТ ДЕКА Е ГОЛ?

Колумна на Александра Иванова, овластен сметководител

Во познатата бајка на Андерсен, на царот му било потребно едно дете за да му каже дека е гол. Сите други гледале, сите знаеле, но од различни причини молчеле.

За волја на вистината и ‘детето’ во нашата сметководствена бајка зборуваше. И тоа не било кој, туку самиот Уставен суд. Зборуваше, толкуваше и одлучи дека конкретни акти и одредби на Институтот на сметководители и овластени сметководители се спротивни на законски и уставни одредби.

Но, ИСОС ладнокрвно продолжи да шие ново руво како ништо да не се случило. И тука бајката завршува, а започнува правниот апсурд. Имено, Уставниот суд во својата одлука од јуни оваа година вели: “Имајќи го предвид ова, произлегува дека Законот за вршење на сметководствени работи (*) воопшто не предвидува дека при вршењето контрола треба да се оценуваат договорите за вршење на сметководствени работи, ниту пак предвидува такво овластување за субјектите кои вршат контрола.”

Но, за ИСОС ни тоа не е доволно, па во извештајот од август (два месеци по горецитираната одлука) по извршена контрола на квалитет се произнесува вака: “Управителот на субјектот на контрола усно изјави дека располага со договори за вршење сметководствени работи со сите обврзници, но истите не ги доставил на увид на контролорот, со образложение дека Институтот не е законски надлежен да бара увид во таква документација. (…) Поради недоставување на документацијата, контролорот не беше во можност да ја потврди фактичката состојба и усогласеноста на субјектот во овој дел, што претставува ограничување на контролата и значаен ризик за оценка на законското, правилното, професионалното и етичкото работење на субјектот.” И натаму продолжува со задолжение во рок од 60 дена, субјектот да достави писмен извештај и оригинали на релевантни документи на увид до Институтот.

Значи, според нив, почитувањето на Законот и недоставувањето на спорните документи е професионален и етички ризик, а нивното барање и покрај јасно изнесениот став на Уставниот суд – не е.

Тука веќе не станува збор за различно толкување на една законска одредба. Прашањето е многу поедноставно: кој му дал право на ИСОС да се однесува како таа одлука да не постои?

Или, да се вратиме на Андерсен: детето веќе кажа дека царот е гол. Само што царот, наместо да погледне во себе, продолжи да нарачува ново руво. А дворјаните? Гледаат. Знаат. И молчат.

Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија, кој никако да ги искористи законските механизми за да го симне царот од тронот. Министерството за финансии кое се однесува како царството воопшто да не постои. И последни, но не помалку важни, колегите, кои водени од народната “ќути, има и полошо” молчат како залиени.

Она што посебно иритира е дека царот бил гол многупати досега, и исто толку пати му било укажано, но без успех. А изборот да продолжиш да постапуваш како законите, институциите и одлуките што не ти одговараат едноставно да не постојат, отвора многу посериозно прашање: дали ИСОС ја заборави својата улога или едноставно одлучи дека е над оние што треба да ја контролираат неговата?

Очигледно, проблемот повеќе не е што царот не знае дека е гол. Проблемот е што одамна знае – само се однесува како сите други да се слепи. А можеби токму тука е суштината. Ниту еден цар не владее сам. За неговото руво да изгледа вистинско, потребни се дворјани кои ќе му се восхитуваат, институции кои ќе го свртат погледот и толпа која ќе молчи.

Затоа, на крај, прашањето повеќе не е кој ќе му каже, туку кој ќе го натера конечно да слушне.

Ставовите искажани во колумната не ги одразуваат официјалните ставови на редакцијата на порталот Работник