Нема друго ќаре освен зголемување на платите за да се задржат и привлечат нови работници

Автор: Бобан Илијевски

Можеби ќе се согласите, можеби не, но јас мислам дека долго време се вртиме во еден маѓепсан круг кој никако да заврши.

Од една страна во кругот ги имаме работодавачите или барем дел од нив, кои велат дека платите не можат да се зголемат оти имаме ниска продуктивност. Од другата страна се работниците, чиишто став е дека не сакаат да работат за ниски плати. Да бидеме реални, точно е дека платите се ниски. Впрочем, тоа е и една од најголемите причини поради кои луѓето се иселуваат од Македонија, покрај другите проблеми, како нефункционирањето на институциите, партизираноста, корупцијата и непотизмот.

Едно нешто треба да биде јасно, а тоа е дека од ова вртење во маѓепсан круг најголеми губитници излегуваат работодавачите, бидејќи бројот на работници постојано се намалува. Дел од нив, како и што реков, се иселуваат, а дел ги користат поволностите за работа кои ги нуди Интернетот и работат од дома за странски компании.

Се согласиле со мене или не, моето мислење е дека фирмите мора да преземат чекор за да излеземе од овој маѓепсан круг. Треба да ги зголемат платите, но и да ги зголемат и критериумите.

Што значи тоа?

Ако ја земеме за пример праксата од Запад, таму оние работници кои сакаат да земаат поголеми плати, мора да поседуваат и повеќе вештини и знаења. Тоа е предусловот. Слично треба да биде и кај нас. Ако сакаш да земеш поголема плата, треба да стекнеш и повеќе знаења и вештини. Не може некој кој вложил труд и напор во учење на нови вештини и знаења да зема иста плата со некој што не сака тоа да го направи. Не е фер.

За жал, во Македонија многу од луѓето мислат дека имаат право да земаат голема плата, а дека немаат обврска да се надоградуваат. Тоа е нешто што мора да се смени. Во која и западна држава да отидете, плата ќе добивате според заслуга, а не според тоа дека имате право да земате голема плата.

Ситуацијата кај нас е таква најмногу поради партиските вработувања. Луѓето коишто се вработени на овој начин и коишто чекале туку-така да им помине денот го воведоа тој лош стандард на „да не мрднам прст, а да земам голема плата“.

Да не бидам погрешно разбран, сето ова е вина на политичките партии. Тие го воведоа овој лош стандард за да градат гласачка машинерија.

Платите треба да се зголемат, бидејќи тогаш оние работници коишто навистина работат ќе бидат помотивирани, а со тоа и попродуктивни. Во спротивно, ќе останеме да тапкаме во место.