- Advertisement -
МакедонијаНовостиПравдаСветот на работникотСиндикат

„Не би имало потреба од отпуштање на работници, бидејќи ќе има државна помош“

Текстилни работници - Работник
630views

Според анализите направени од страна на синдикатот на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија на Република Македонија – СТКЧ, досегашните пакет мерки коишто беа донесени од страна на Владата во голем обем им помогнале на вработените од текстилната индустрија, вели Љупчо Радовски, Претседател на синдикатот.

„Работниците добија шест субвенционирани плати коишто беа во висина на минимална плата, во првите два пакети, додека во четвртиот пакет, веќе имаше и повисока исплата на плати, зависно од тоа колку беа погодени компаниите. Помошта беше на позавидно ниво и беа исплатени и придонеси и минимални плати којашто не можеле да ја исплатат“, рече Радовски.

Радовски истакна дека пред да избие пандемијата, во март месец, компаниите веќе имале готови нарачки, но по март месец, поради рестрикциите во Европа, тие не можеле да ги извезат во Западна Европа. Според него, голем дел од компаниите од текстилната индустрија ја добиле оваа помош, преку која, како што вели, се задржале работните места на работниците, имало помала невработеност и помалку затворање на компаниите.

„Овие пакет беа доволни, но дали беа успешни… Сепак ние сме една мала држава која и покрај сите пречки наметнати од пандемијата, успеавме да го стабилизираме стопанството. Секогаш има задоволни и незадоволни, но ние како синдикат сме задоволни од помошта на државата“, рече Радовски.

Тој напомена дека единствено не се задоволни поради тоа што голем број на работодавачи ја злоупотребиле државната помош, нагласувајќи дека нема информација за злоупотреба на државната помош во текстилната индустрија. 

На прашањето на порталот Работник за тоа кој е ставот на синдикатот околу доцнењето на мерките од петтиот сет, како за проценката на Текстилниот кластер дека бројот на вработени во текстилната индустрија може да се намали за над 25 %, Радовски вели според сознанијата што ги има со работодавачите каде што има синдикатот членови, ќе започнат да се отвораат моловите, а имало и најави за нарачки. Вели дека за овие два месеци коишто сега се најмногу проблематични, петтиот сет мерки ќе им помогне да дадат уште две плати.

Според него, не би имале потреба во овој период да отпуштаат работници, бидејќи за истиот број на работници коишто ги имале во ноември и декември, ќе им се пуштат пари за исплата на плати. Нарачките ќе почнат, вели Радовски, додавајќи дека можеби нема да бидат во истиот обем како пред пандемијата, но ќе можат самостојно да опстојуваат.

Радовски посочи дека на Економско – социјалниот совет се разговарало и за тоа да се пролонгира помошта за одредени компании.

„Ние на Економско – социјалниот совет разговаравме за тоа дека доколку има потреба на одредени компании да им се даде нов пакет мерки, за да тие не отпуштаат работници“, рече Радовски.

Тој е оптимист дека Законот за исплата на плати од петтиот пакет мерки ќе се донесе по брза постапка, бидејќи до 15 март треба да се пуштат парите. 

Имено, вчера во интервју со порталот Работник, извршната директорка на Текстилниот Кластер, меѓу другото, истакна и дека доколку се задоцни со мерките, постои можност бројот на вработени во текстилната индустрија да се намали за над 25 %. 

„Од анализата направена минатата година, согласно очекувањата на компаниите на почетокот на кризата, дојде до намалување на бројот на вработени од 3 до 8%. Овој пад ќе беше поголем, но беше делумно амортизиран со производство на заштитна опрема (маски) и со финансиската поддршка на плати од Владата. Овој процент во првите два месеци од 2021 година е зголемен а очекуваме да оди и над 25% како резултат на доцнењето на мерките и критичниот недостаток на работни налози“, рече Сивевска. 

Според Кристана Ампева, претседателка на „Гласен Текстилец“ најмногу отпуштања има во југоистичниот регион, каде што има најмногу текстилни фабрики. Таа во еден нејзин фејсбук статус посочи дека најмногу има откази поради кршење на ред и дисциплина, спогодбени откази, трансформација од неопределено, на определено работно време итн. 

Податоците од истражувањето на ЗМАИ покажуваат дека минатата година 7,000 вработените во текстилната индустрија добиле отказ од работа. 

Бобан Илијевски