Не започнувајте да работите кај работодавач кој не сака да ви даде копија од договорот – Тоа е прв сигнал дека нешто не „штима“
- Вештачката интелигенција и иднината на работните места: Меч со две острици - 18/09/2024
- Овој град дава 900 евра за да се преселите во него - 16/09/2024
- Да ги задржиме оние кои ни останаа! - 14/09/2024
Од исклучителна важност е сите работници, без разлика на секторот во кој работат и професијата, да ги знаат своите работнички права.
За таа цел, потребно е да бидете дел од синдикат кој ќе ви овозможува постојана едукација, но и правна помош кога некое работничко право ќе ви биде загрозено. Едукацијата игра најголема улога, бидејќи таа ви овозможува знаење за тоа кои права ги имате како работник.
За жал, мал е бројот на луѓе кои навистина ги знаат своите работнички права. Доказ за тоа е што сѐ уште многу работници потпишуваат договори за вработување без да ги прочитаат и ако не им е нешто јасно да се консултираат со правници за работни односи кои најчесто соработуваат токму со синдикатите. Потоа, не бараат копија од договорот, а во самиот Закон за работни односи е пропишано дека на работникот му следува копија – грешка која може скапо да го чини работникот кога ќе сака даде отказ од работа.
Впрочем, јас ја направив оваа грешка при моето прво вработување. Го прочитав договорот, го потпишав, но не зедов копија. Ама и јас тогаш, како и многу други, бев игнорантен кон работничките права. Не се интересирав воопшто и тоа скапо ме чинеше – не можев неколку месеци да се пријавувам во Агенцијата за вработување, што реално е голем проблем кога си невработен.
За да не го поминувате ова патешествие, земете совет од моето искуство и внимавајте кога потпишувате договор. Ако работодавачот не ви даде копија откако ќе го потпишете договорот, побарајте. Ако не сака да Ви даде, пријавете и кажете му дека нема да започнете да работите. Зашто недавањето на копија од негова страна не испраќа добри сигнали. Верувајте, не би сакале да работите за таков човек.
Ако не сакате да бидете дел од синдикат, тогаш едуцирајте се сами за работничките права. Го имате порталот Работник. На него има мал милион совети поврзани токму со нив. Но, најдобро е да бидете дел од синдикат, така барем јас мислам, за да имате поддршка кога ќе ви биде потребна истата. Кој, вие одлучете. Земете предвид кој е најактивен во смисла на едукација и одберете. Тоа е Ваше право.
Фото: depositphotos